Како и насекаде низ градовите коишто биле под Турците, така ниту во Скопје не можело да има црква1 во муслиманско маало. Доколку во турскиот дел од градот се наоѓале урнатини од некоја црква, сепак таа не можела да биде обновена. Не можела да биде обновена не само црква која се наоѓала во турскиот дел од градот, туку и ако се наоѓала блиску до џамија или до теќе надвор од муслиманските населби.
И многу била тешка процедурата за добивање дозвола за поправање на стара црква или за подигање на нова. За добивање дозвола за обнова на црква не бил потребен само труд, туку биле неопходни многу молители и многу пари. Фигуративно, за добивањето на таква дозвола, се вели дека требало да се потплатат сите, од везир до заптија! Познато е низ каква перипетија поминало обновувањето на тетовската црква „Св. Богородица“, и тоа после Хатихумајунот2. А се знае и колку време Портата, пред Кримската војна, оперирала со разрешувањето за поправка на куполата на една ерусалимска црква.
За добивање дозвола за обнова на црква не бил потребен само труд, туку биле неопходни многу молители и многу пари.
Црквата требала да биде во христијанскиот дел од градот и заради безбедноста на христијаните од лошите луѓе кај муслиманите, но и за да не се раздразнуваат мирните муслимани и да не бидат навредувани нивните верски чувства. Црквите кои биле обновени, или биле повторно градени на урнатини од стари цркви пред Едренскиот мир (1829 г.), обично морале да бидат вкопувани по неколку метри во земја. Таков е случајот со скопската црква „Св. Спас“, која во 1768 или 1778 година била опожарена, па потоа поправена. Во црковниот двор се наоѓале гробишта.
Во Скопје, Митрополијата била одделена од црквата уште во 1785 година, кога Митрополитот Захариј ја подигнал митрополитската зграда на местото каде што е и сега3 Скопската митрополија. До тогаш, Митрополијата била кај црквата „Св. Димитриј“…
Како и насекаде во внатрешноста на Турција до 40-тите години на 19 век, а некаде и до 80-тите години на 19 век, така и во Скопје службата во црква се одржувала само ноќе. Само Утрената богослужба ‒ а и таа ретко – и Вечерната богослужба се читале дење, но порано отколку што тоа се правело по краиштата и во местата во кои христијаните – и во овој поглед ‒ се движеле послободно. Утрената се одржувала заедно со празничната служба, без прекин. Во раните години на 19 век тоа се одржувало во зора. Така било во Скопје до 70-тите години на 19 век. Се регулирало, според годишното време, службата да заврши пред разденување. А на Божик и на Велигден службата се извршувала пред разденување. Поради безбедност на христијаните, кои уште од полноќ почнувале да пристигнуваат во црква, властите во тие денови ги засилувале патролите и бдееле околу црквата, па и по улиците, по кои минувале христијаните. Познати биле честите нереди околу црквите, од страна на муслиманите, и тоа токму на големите празници…
Откако била подигната црквата „Св. Богородица“, во Скопје имало три цркви: „Св. Димитриј“, „Св. Спас“ и „Св. Богородица“. Сите три биле преполни со луѓе на секој празничен ден. Во црквата „Св. Богородица“, иако храмот е посветен на Зачнувањето на Богородица4, соборот5 се одржувал на Голема Богородица6.
Црквата никако не била затоплувана. Главната црковна врата, во зима, била покриена со дебели јамболии и покривала. Но не се ни чувствувала потреба за затоплување, затоа што во црквите секогаш имало многу луѓе. Исто така, и поради самите свеќи немало потреба за затоплување. Не претставувало редок случај, за време на поголем празник, по некој да падне и во несвест поради чадот и мирисот.
Почетокот на службата во црква, или смртен случај, биле објавувани со дрвено и со железно клепало. Најпрво било во употреба само дрвено клепало, па потоа почнало да се употребува и железно клепало – ѕвечка. А за ѕвоно7 не станувало ни збор. И ѕвоното на Католичката црква во Скопје има своја тажна историја. Кај муслиманите постои, и често се повторува, традиционална изрека дека не може да се ѕвони таму каде што се чита Куранот: Бурада езан окунур – чан чаламаз. Уште потажна е историјата на подигнување ѕвоно во православните цркви во Скопје. Што сѐ не пробувале младите луѓе, уште од почетокот на 20 век, за да подигнат мало, тенко ѕвоно во црквата „Св. Димитриј“, па поради тоа биле затворани, тепани и казнувани, сѐ додека и во Скопје не се поправиле општите околности за христијаните. Во времето на реформите се успеало да се подигнат ѕвона и во црквите во Скопје. Кај црквата „Св. Димитриј“ камбанаријата е подигната во 1907‒8 г. …
Уште поинтересен бил случајот со подигнувањето на камбанарија и со чукањето на камбани во црквата „Св. Богородица“. Таму, најпрво, ги закачиле камбаните меѓу две тополи, кои се наоѓале во црковниот двор, па почнале да ги чукаат. Но, тоа го забранил валијата, кој живеел во тој реон. Дури во 1906 година се почнало со ѕидање на камбанарија, но ѕидањето било прекинато поради недостаток на средства. По три години, со прилози на добрите христијани, се собрала потребната сума и камбанаријата била подигната. До тоа време настанал и Хуриетот8, па почнало и кај оваа црква да се чука во камбана.
Уште поинтересен бил случајот со подигнувањето на камбанарија и со чукањето на камбани во црквата „Св. Богородица“. Таму, најпрво, ги закачиле камбаните меѓу две тополи, кои се наоѓале во црковниот двор, па почнале да ги чукаат. Но, тоа го забранил валијата, кој живеел во тој реон. Дури во 1906 година се почнало со ѕидање на камбанарија, но ѕидањето било прекинато поради недостаток на средства.
Клепалото и ѕвечката биле закачени на сиџимка, односно на јаже, некаде пред црквата, едно до друго. Кога имало потреба, црковникот9 со чекан чукал на нив… Преку годината имало случаи кога се чукало само во клепало. Тоа е во време на големите пости, при бденијата и во текот на целата Страсна седмица. Вештиот црковник или, пак, некој од граѓаните кој умеел да клепа и ги знаел знаците, можел со клепањето да означи кој дел од службата се одвива, да објави дали е во прашање машки или женски покојник, возрасен или дете. Во пораните години клепале и приватни лица, кои дошле во црква на служба и знаеле да го прават тоа. Тоа се сметало за извесна чест. Сето тоа се случувало, обично, за време на големите празници и на бденијата. Меѓу младите луѓе имало и натпревар во тоа. Клепалото или ѕвечката, односно клепањето спроти празник, за сите во домот било знак да се престане со женските домашни работи: ткаење, плетење, везење итн., и да се запали кандилото пред иконата.
На десната страна од главната црковна врата имало масивна маса со фиоки, која се нарекувала „пангал“. На пангалот се чувале свеќи за продажба, за нивно палење на свеќниците пред светите двери и уште пред некоја икона. На пангалот се давале и прилози, во пари или во предмети. Оттаму епитропите и помагателите тргнувале низ црквата со послужавници. Свеќите за црковна употреба биле правени во црквата, односно во клисарницата. Нив ги изработувале клисарите (црковниците). А сметка за тоа (тефтер) воделе епитропите (туторите). Во раните години на 19 век, свеќите биле изработувани само од природен жолт восок, и можеле да се добијат само во црква. Од Кримската војна (1856 г.), па натаму, свеќите почнале да се носат и од страна. Ги носеле трговци, кои поседувале мануфактурни работилници. Од тогаш се појавиле и свеќи од бел, вештачки восок. Исто така, од тогаш сите свеќи за Божик и за Велигден, па и за венчавање, луѓето ги купувале во продавници. Во црква продолжила изработката на свеќи само за црковни потреби, односно големи свеќи за свеќниците и за полиелеите, и мали свеќи за Опело и за Парастос. Восокот за свеќи во црква многумина го носеле како прилог. Но, повеќе приложувале масло за кандило, отколку восок. Имало случаи некои семејства секогаш да носат масло во црква за таканареченото „свое“ кандило.
Како што свеќите за црква ги изработувал само црковникот, така секоја црква имала и своја „старица“. Таа била самохрана постара жена, која секогаш месела „поскури“10 за нафора. Некаде, во Скопската епархија, таа жена ја нарекувале „месарија“. Така биле нарекувани и оние жени и девојки кои служат на манастирските слави. Жената, која ги месела проскурите, морала да биде чиста и разумна – Божји човек! Нафората се земала само на гладно срце. Нафора од црква им носеле и на своите домашни. И дома, нафората ја земале само оние кои тоа утро ништо не јаделе и не пиеле.
Зад пангалот, каде што стоеле туторите, па сѐ до споредната западна врата, на десната страна, имало столици. На нив стоеле и седеле угледните локални луѓе ‒ градски архонти11. Секој од нив си го знаел своето место. Многумина од нив ги изработувале тие столици уште кога била градена црквата, и секој си ја знаел својата столица. Така било и со столиците во „женската црква“, односно на галеријата. Со дозвола на Митрополитот, некои од постарите луѓе можеле да стојат во црква или да седат на столица и со фес на главата. Меѓутоа, тие самите ревносно внимавале кога, во тек на службата, треба да ги симнат фесовите, па дури и да се симнат од столицата на патосот. Тоа било, на пример, за време на: Малиот вход, проскомидијата, читањето на Евангелието итн.
Инаку, во црква стоел кој каде што стигнал (да застане), но секој водел сметка да му направи место на постариот од себе и да му го олесни стоењето. Срамно било млад човек да влезе на местото каде што имало столица. Во црквата, во партерот, стоеле само мажи. Жените и девојките стоеле или седеле на столици во „женската црква“. Тоа биле црковни галерии на спрат. Ако некаде во епархијата имало две галерии (како што било случај во Куманово12), тогаш првата се нарекувала „женска“, а втората „моминска црква“. И во „женската црква“, секоја уредна домаќинка знаела да си ја заземе својата столица. Од женските лица, во „машката црква“ стоеле само калуѓерките, жените кои месат „поскури“ за нафора и болните жени и девојки, кои таму ги чекале читањето на Евангелието и Големиот вход, за да пристапат или да ги доведат, во став на поклон, да отстојат или да клечат додека ефемеријата13 не го прочита Евангелието. И едните и другите, од спомнатите женски лица, во „машката црква“ стојат во северниот агол од главниот влез на црквата. Во раните години, имало по шест реда столици долж целата црква, од вратата кон олтарот. Покрај ѕидовите имало по еден до два реда, крај столбовите на средина од црквата. Во средишниот дел на црквата, отпрлика кон амвонот, се наоѓала „владичката столица“.
Во припратата на двете страни од црквата, и пред иконостасот до владичката столица, имало певници за црковните псалти (певци). Певниците биле на завртување, така што на певецот можело да му се заврти страната којашто била потребна, односно онаа страна на која се наоѓа книгата од која требало нешто да се чита… Црковната управа ги плаќала певците од црковни средства, а имало и многумина од граѓаните кои доброволно, бесплатно, пееле. Поради тоа што имало малку свештеници, кои биле подготвени за својот повик, певците биле неопходни за црквата. Надвор од олтарот, тие го одржувале редот во црквата, и читале и пееле сѐ што било потребно. Повеќето свештеници, особено по градовите, не биле во состојба да читаат како што треба. По ракополагањето, новите свештеници со години ги учеле читањето, пеењето и црковниот поредок. А на ретките и големи празници, на овие свештеници им било најтешко. Иако во Скопје се станувало свештеник по традиција („од татко на син“), сепак тоа било поголемо зло, бидејќи свештеници станувале најмногу оние кои пропаднале во своите лични работи. Затоа и во Скопје псалтите (певците) биле многу ценети. Тие биле со различни занаети, трговци и ситни рентиери14. Но, имало и професионални певци. Пеењето во црква претставувало чест и одликување. Поради тоа, во црквите во Скопје, како што спомнавме, бесплатно пееле многу приватни лица, без никаква награда, но обврзувачки…
И во Скопје, во раните години на 19 век, имало црно свештенство15. Познато е дека тоа свештенство живеело околу црквата „Св. Димитриј“, а, исто така, и во Дечанскиот и во Хиландарскиот метох. Поради разбирливи причини, како и насекаде, така и во Скопје, народот повеќе го ценел црното свештенство. Во раните години на 19 век, луѓето во Скопје се исповедале само кај чуварите на спомнатите метоси.
И во Скопје имало многу световни луѓе, кои многу подобро го познавале црковниот поредок (читањето и пеењето), отколку многумина стари свештеници. Имало и такви кои целиот псалтир го знаеле напамет. Исто така, знаеле многу акатисти и многу други нешта од црковните книги. Како и во другите градови на Скопската епархија, и во Скопје, покрај двете статични имало и подвижни певници. Тие, како резерва, се чувале за особени прилики во црквата. Така било, на пример, на Велики Петок, кога се положува петафијата16… Во таа прилика, кога сите свештеници биле ангажирани во олтарот, покрај редовните црковни певци, читале и пееле поединци, световни луѓе, кои добро го познавале црковниот поредок. Тие не биле редовни певци, ниту од редот на платените, ниту од редот на доброволците. За тие граѓани тоа претставувало особена чест, па затоа певците ги пуштале пред себе. Во таа прилика, околу плаштаницата би се распоредиле неколку од оние резервни певници, на кои се читало и се пеело. И, воопшто, многумина граѓани, трговци и занаетчии, кои го познавале црковниот поредок и убаво пееле, на сите поголеми празници во годината доаѓале на певница и ги пееле антифоните, херувиката, причасниот итн. А младите луѓе, доскорешни ученици, се тркале кој да го чита Апостолот, и се натпреварувале во читањето (пеењето) на паримиите17 на Велики Петок и на статиите на Велика Сабота18. Во црквата, и надвор од црквата, многу бил омилен ученикот кого архијерејот би го зел за свој чтец…
Во раните години на 19 век, во црквата „Св. Богородица“ во Скопје, службата била читана на грчки и на словенски јазик. Во другите цркви, откако била изградена црквата „Св. Богородица“, се служело на словенски јазик, кога во некоја од нив не служел архијерејот. Воопшто, откако била дефинитивно укината Пеќската Патријаршија (1766 г.)19, во Скопје почнале да доаѓаат владици Грци, па словенската (бого)служба претрпела силна криза. Првиот Митрополит Грк, кој дошол во Скопје по укинувањето на Пеќската Патријаршија, бил Антим. Тој дошол во 1779 година и воспоставил поредок во скопската црква да се чита грчка служба. Тогаш постоела само црквата „Св. Димитриј“, а црквата „Св. Спас“ сѐ уште не била поправена… По Митрополитот Антим, во црквата „Св. Димитриј“ почнало да се служи мешана служба (грчка и словенска), односно на десната страна на грчки, а на левата страна на словенски јазик. Таквиот поредок бил воспоставен и во црквата „Св. Спас“ (откако била реставрирана), а бил пренесен и во црквата „Св. Богородица“ (од 1835 г.).
Во раните години на 19 век, во црквата „Св. Богородица“ во Скопје, службата била читана на грчки и на словенски јазик. Во другите цркви, откако била изградена црквата „Св. Богородица“, се служело на словенски јазик, кога во некоја од нив не служел архијерејот.
Струјата за потполна словенска служба во Скопје се појавила откако се намножило, и материјално се издигнало, словенското население, и откако се индивидуализирало словенското училиште. Така било до 1854 година. Тогаш отворено се појавила струја во Скопје против грчката (бого)служба. Поради тоа, патријаршиските органи сосема ја исфрлиле словенската (бого)служба од црквата „Св. Богородица“. Од тогаш веќе не се читала словенска служба во црквата „Св. Богородица“, сѐ до доаѓањето на големиот везир Кибризли Мехмед-паша во Скопје во 1860 година. Набргу потоа била повторно исфрлена, па во 1868 година се вратила мешана служба. Во црквата „Св.Спас“, од 1870 до 1874 година, се читала исклучиво словенска служба, а од 1874 година почнала да се чита мешана ‒ словенска и грчка служба… И во црквата „Св. Димитриј“, од 1872 година, повторно почнала да се чита потполна словенска служба…
Добиените привилегии на Едренскиот мир (1829 г.) биле благотворни за православната вера и Црква, а истовремено и за словенството во Турција. Конкретно во Скопје, уште од 1835 година (од изградбата на црквата „Св. Богородица“) се индивидуализирало и дошло до полн израз словенското училиште… Словенското училиште било сместено во дворот на црквата „Св. Богородица“. Таму тоа достигнало степен на виша словенска школа и го привлекло вниманието на домашните и на странските учени патници. Словенството во Скопје почнало толку многу да се издигнува, така што, со текот на времето, многумина од населените и родените Грци се словенизирале. Подоцна работата дошла дотаму што псалтите Грци, во скопските цркви, читале и пееле само на словенски јазик…
Во црква не смеело да се стои или да се седи со нагрнато џубе20 или со каква било горна облека, ниту со рацете на половината, ниту со свртен грб кон олтарот, ниту да се прави нешто што е непристојно. Не смеело да се разговара и да се прави врева, а уште помалку смеело да се смее. Исклучок биле жените во својата црква на галеријата, но тоа било разбирливо. Во раните години на 19 век ретко која жена од нив знаела што и кога се чита или се пее во црква. Меѓу жените исклучок биле поклоничките на Христовиот гроб. Тие најмногу се интересирале за редот во црква. При обредите на крштевање и на венчавање можело да се зборува, но и тогаш тивко21. За време на службата, на Утрената и на Вечерната, единствено било дозволено да се потпевнува со певците на певниците…Откако учителите почнале да ги доведуваат учениците во црква, овие (учениците) стоеле околу певниците и одговарале на ектениите, доколку знаеле.
Малкумина разбирале што е тоа што се чита во црква, но секој, по селата и по градовите, знаел кога се чита Евангелие и кога „се пренесува причеста“, односно кога е Големиот вход22. Спомнавме дека при читање на Евангелието ги доведувале сите тешко болни луѓе пред светите двери, каде што ќе се чита Евангелието.
На Утрена богослужба во црква, вообичаено, доаѓале само мажи, а на Вечерна доаѓале само жени. Девојки доаѓале на положување на плаштаницата, на Велики Петок, и на Опелото на Велика Сабота. Во првиот ден на Божик и на Велигден жените и девојките никако не доаѓале во црква, ниту на Утрена богослужба, ниту на служба23. Тогаш доаѓале само мажи, и тоа само со возрасни машки деца. А на Вечерната богослужба во првиот ден на Божик и на Велигден, која во Скопје се нарекувала „Второје воскресеније“24, доаѓале во црква речиси само жени и девојки, а особено возрасни девојки, кои биле на возраст за мажење. Тоа била своевидна изложба на девојки за мажење. Момчињата и девојките не можеле да се гледаат, а девојките можеле да ги набљудуваат низ дупките од капиите, но честопати и низ прозорците на своите соседи при свадби, и по градините на соседните дворови. Во близина на црквата, од каде што би поминале најмногу девојки одејќи кон црква на Вечерна богослужба, ќе застанале момче до момче, кои биле кандидати за женидба. Низ тој шпалир поминувале сите девојки. Од таа позиција момчињата ја гледале секоја девојка како ита кон црква, со мајката, со стрината или со тетката. Тоа била единствената прилика во која момчето можело да ја види посакуваната девојка во свечена облека и добро накитена. Освен во тие два дена во годината, момчето можело да ја види девојката за која му зборувале мајката, сестрата и снаите, доколку таа била присутна на свадба на некоја своја роднина или другарка. Секако, доколку и тоа момче, како роднина, било присутно на таа свадба.
За Божик и за Велигден се правеле големи подготовки во секоја христијанска куќа и во црква. Од целата епархија му биле испраќани молби на Митрополитот за да дојде на празникот кај нив. Со таа цел, од околните градови кај Митрополитот доаѓале и цели делегации. Во домовите најмногу се обновувале облеката и обувките за Божик, за Велигден и за светителот, односно за слава… За време на сите пости се постело строго, а особено за време на Божикниот и на Велигденскиот пост… Во раните години (на 19 век) сите постари жени, а во Скопје и по некоја девојка, тримиреле на почетокот од Божикниот и од Велигденскиот пост. Тие гладувале по три дена, односно ништо не јаделе. Во Скопје се сфаќа дека терминот „тримири“ доаѓа од грчкиот збор „три имера“ – три утра, три дена25… Сите жени, кои тримиреле, оделе во среда26 во црква, уште на Утрената богослужба. Жените носеле со себе посебно месени погачи, леблебија, а носеле и од скопскиот специјалитет: паприкана солца27…
Непосредно пред Божик и пред Велигден, таткото или старешината на задругата, купувал свеќи во продавница за сите домашни. Свеќите биле восочни. Според староста на домашните, свеќите биле поголеми и помали. За најстариот била најголемата, а за најмладиот најмалечката… Најголемата свеќа можела да биде тешка до половина килограм, а најмалечката по неколку грама. Оној кој одел во црква во сите три дена на Божик или на Велигден, си ја носел својата свеќа, и во црква ја држел сето време запалена. Тие свеќи се поставувале кај иконостасот28 или покрај иконите, и секој си ја знаел својата, па самиот си ја земал и си ја оставал таму. Според овие свеќи се мереле и материјалната состојба и побожноста!
Непосредно пред Божик и пред Велигден, таткото или старешината на задругата, купувал свеќи во продавница за сите домашни. Свеќите биле восочни. Според староста на домашните, свеќите биле поголеми и помали. За најстариот била најголемата, а за најмладиот најмалечката…
Непосредно пред Божик, пред Велигден или пред слава, секое добростоечко семејство им испраќале, колку што можеле, брашно, месо, маст и уште по нешто на сите сиромашни семејства, кои не можеле „да пружат рака“. На спомнатите празници, богатите семејства подготвувале јадења и им ги испраќале на затворениците, без разлика на вероисповедта.
Црквата била уредно посетувана и во тек на годината. Во раните години на 19 век било срамно и грешно за секого кој на празник не оди во црква. Многумина во истиот празничен ден оделе и во две цркви, односно до херувимската песна стоеле во една, а потоа оделе во друга црква29. Црковниот поредок бил сметан за светиња…
Богојавление ‒ Водици, бил празник со особено значење… Отприлика од 1860 година, во Скопје, почнало да се излегува со литија на реката Вардар. Откако скопјаните се расцепкале на патријаршисти и егзархисти, за Богојавление, на Вардар, биле правени по две литии. Патријаршистите ја правеле литијата некаде околу Митрополијата, а егзархистите ја правеле во близина на црквата „Св. Богородица“. Откако почнала практиката со литиите на Вардар, овој празник претставувал најголема христијанска манифестација во Скопје. Муслиманите се јадосувале, но ја поднесувале. Секако, под влијание на грчките митрополити (цариградлии), во Скопје било вообичаено свечено да се празнува и Света Богородица (Балаклија), што се паѓа во петок од Светлата седмица…
Хришћанско дело, година III, свеска 2, 100–110, Скопље 1937.
Превод од српски јазик: јеромонах Атанасиј Арсоски
- Почнувајќи од насловот, па и низ целиот текст, под терминот „црква“ се подразбира објект, односно богослужбено место на христијаните, познато и како „храм“ (заб. на прев.). ↩︎
- Турски државен акт од 1856 година, со кој е предвидена и гарантирана слободата на вероисповед и националната рамноправност на жителите на Отоманската Империја (заб. на прев.). ↩︎
- 1937 година (заб. на прев.). ↩︎
- Зачнувањето на Богородица се празнува на 9/22 декември – „зачнување на св. Ана“. Нам ни е познато дека овој храм е посветен на Раѓањето на Пресвета Богородица – 8/21 септември (заб. на прев.). ↩︎
- Собор на верниот народ за прославување на празникот (заб. на прев.). ↩︎
- Успение на Пресвета Богородица (заб. на прев.). ↩︎
- Познато под називот „камбана“ (заб. на прев.). ↩︎
- Станува збор за Младотурската револуција во 1908 година (заб. на прев.). ↩︎
- Во народот е повеќе познат под називот „клисар“. Овој назив потекнува од грчкиот термин за оној кој е задолжен да се грижи за редот во црквата, односно во храмот – εκκλησιάρχης (еклисијархис). Во превод, тоа би значело „црковник“ (заб. на прев.). ↩︎
- Овој назив произлегува од зборот „просфора“. Така се нарекува лебот којшто се принесува на Божествената Литургија, за да стане Тело Христово, со дејството и слегувањето на благодатта на Светиот Дух. Грчкиот збор „προσφορά“ (просфора) значи „принос“ (заб. на прев.). ↩︎
- Грчкиот збор άρχων (архон) во превод означува: началник, кнез, владетел, предводник (заб. на прев.). ↩︎
- Во тоа време, градот Куманово спаѓал во рамките на Скопската епархија (заб. на прев.). ↩︎
- Станува збор за свештенослужител, кому му е ред да служи во конкретниот ден. И овој збор е од грчко потекло (εφημέριος – ефимериос) и означува некого кој е дежурен за некаква служба или должност. Кај нас може почесто да се сретне црковнословенската варијанта: „чреден“ (заб. на прев.). ↩︎
- Луѓе кои издавале имот под кирија (заб. на прев.). ↩︎
- Под „црно свештенство“ се подразбираат свештенослужители од монашките редови (заб. на прев.). ↩︎
- Изведенка од грчкиот термин επιτάφιος (епитафиос). Станува збор за плаштаницата, на која е насликано Христовото погребение. Плаштаницата се изнесува и се положува на средина од храмот, на Велики Петок (заб. на прев.). ↩︎
- Делови од Стариот Завет, кои се читаат на богослужба (заб. на прев.). ↩︎
- Статиите се богослужбен дел кој, всушност, претставува Христово опело. Во денешно време сме навикнале да ја извршуваме таа служба на Велики Петок навечер, па затоа се создава впечаток дека му припаѓаат на тој ден. Меѓутоа, статиите се дел од Утрената богослужба на Велика Сабота. Исклучиво од практични причини, таа богослужба, денес, најчесто се извршува на Велики Петок приквечер (заб. на прев.). ↩︎
- Речиси истовремено (во 1767 г.) била укината и Охридската Архиепископија, поради исти причини и на ист начин (заб. на прев.). ↩︎
- Балканска женска облека, која останала во употреба до 50-тите години на 20 век (заб. на прев.). ↩︎
- Крштевањето и венчавањето се, исто така, Свети тајни и за време на нивното свештенодејствие би требало да владее истата онаа тишина каква што била и при другите богослужби. И денес се забележува оваа појава, при спомнатите свештенодејствија, луѓето да се чувствуваат како да се наоѓаат на настан, на кој не мора да се молчи. Одговорноста на секој епископ и свештеник е да им објасни за што станува збор, па така свесно да разберат и да прифатат дека е неопходна апсолутна тишина (заб. на прев.). ↩︎
- На Големиот вход на Литургијата се пренесуваат лебот и виното, поставени во соодветни садови (дискос и путир), од едно место (проскомидија) до друго (света трпеза). Тоа се случува непосредно пред приносот на лебот и виното и пред нивното осветување и претварање во Христови Тело и Крв, со кои се причестуваат христијаните. Оттука овој народен назив: „се пренесува причеста“ (заб. на прев.). ↩︎
- Под „служба“ тука се подразбира Литургијата (заб. на прев.). ↩︎
- Станува збор за Вечерната богослужба на Велигден. На таа богослужба е предвидено да се чита дел од Евангелието на повеќе јазици, како израз на универзалноста на Христовата Црква. Оваа богослужба уште се нарекува и „Вечерна на љубовта“ (заб. на прев.). ↩︎
- Τριήμερο (триимеро) значи: тридневие (заб. на прев.). ↩︎
- Станува збор за средата од првата седмица на Велигденскиот пост (заб. на прев.). ↩︎
- Тоа е смеса од печена пиперка, печена леблебија од тревката ноктец или чубрика. Сето тоа убааво се толчи и се меша. ↩︎
- Се мисли на домашниот иконостас, односно на катчето со икони коешто го има(ло) по домовите (заб. на прев.). ↩︎
- Ваквата практика веќе не се забележува, што укажува на фактот дека во меѓувреме се изградила свеста за собирање на едно место на богослужение, односно на евхаристиско собрание. Не постои никаква литургиски и богословски оправдана причина за ваква постапка, при што се напушта богослужбеното собрание за да се премине на друго место, на кое би се учествувало во продолжетокот (заб. на прев.). ↩︎
