Сè има свое време
Убаво е да се слушне или да се прочита1 објективен текст околу прашањето за воведување капеланска служба во Армијата, од луѓе компетентни, дотолку повеќе ако се на високи позиции, авторитети, професори и ако се од соодветни институции. И тие коишто говорат, а посебно тие коишто пишуваат, не треба во сето ова да настапуваат со некаков си ексклузивитет, а најмалку сензационалистички, бидејќи со таквиот пристап на прашањето се поткопува она коешто досега е направено. Во таа смисла, сите оние коишто ќе сакаат да дадат вистински и искрен придонес, околу воведување капеланска служба во Армијата по примерот на другите армии во светот, прво што треба да направат е да го проучат континуитетот на прашањето околу воведување капеланска служба во Армијата на Р Македонија. Но, светот не почнува од нас, па затоа треба да ја погледнат воспоставената традиција на капеланство во Армијата на САД (Пентагон) и на сите земји во транзиција, а најпосле и традицијата во поранешните ЈУ републики. Та дури тогаш, откако ќе се види што досега се направило кај нас и во земјите на кои укажав, да се пренесе најсоодветната солуција, па дури потоа да се повика на јавен дијалог и дебата. Но ќе кажам ‒ тоа да оди внимателно, кротко, оти нашиот народ знае да каже дека „тивката вода брег рони“ и дека сè има свое време...2 Нека ни послужи примерот со „извојуваната борба“ околу признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија. Еве го континуитетот на прашањето од црковна страна: Кога почнавме ‒ каде застанавме?
Историја: Прашањето за воведување капелани во Армијата на Македонија почна да се актуализира пет години по осамостојувањето. Имено, тогашна Република Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир. Во тоа време земјата беше примена и во Северноатлантскиот совет за соработка, подоцна Евро-атлантски партнерски совет. И сè почна кога во организација на Управата за МПП и во соработка со контакт-групата на Вооружените сили (ВС) на САД, тогаш (на 8 и 9 август 1995 година), во просториите на Домот на АРМ во Скопје, се одржа дводневен семинар на тема: „Квалитетот на живеење, морал и добросостојба во Армијата на САД“. На семинарот, со кој раководеше помошникот на Началникот на Генералштабот (ГШ) за МПП, генерал-мајорот Борис Стојановски, зедоа учество старешините и ГЛ од Управата за МПП на ГШ на АРМ, старешините од органите за МПП во подрачните команди и единици, началниците на воените библиотеки и началниците на домовите на АРМ.
Целта на овој семинар беше: прво ‒ да се пренесат одредени искуства и состојби од животот и работата на Армијата на САД, статусните, социјалните и други прашања, местото и улогата на воениот свештеник (капелан) во Армијата и редица други содржини произлезени од поставените прашања на учесниците на семинарот; и второ ‒ да се подготви терен за воведување капеланска служба во АРМ. Предавањето по наведената тема го изврши воениот свештеник полковникот Џосеф Супа од Командата на Американските здружени сили за Европа од Штутгарт.
Наскоро потоа се огласи Министерството за одбрана на Р Македонија преку своето списание Одбрана, та судејќи според написот на еден од членовите на редакцијата на списанието, кој, презентирајќи го во позитивно светло искуството на Американската армија, искажа само добра надеж. „Поради редица причини, барем во догледно време, во нашата Армија ваквите активности можат да бидат само искуства, и тоа полезни“, напиша тој3.
Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква, пак, го следеше тој развој во армиите на другите поранешни ЈУ републики и набргу донесе одлука4, својата мисија и грижата за духовниот живот на верниците војници и старешини во Армијата на РМ да ја води преку имплементација на воени свештеници во АРМ. За таа цел, Синодот, преку свои претставници, ги почна разговорите со Армијата на Македонија. Тие разговори зачестија, и како резултат на тоа, Синодот, на својата редовна седница одржана на 5.7.1996 година, разгледувајќи го прашањето за воведување воено свештенство во Армијата на Р Македонија, донесе одлука5 со која формира Комисија за проучување и застапување на асоцијацијата за воведување воено свештенство во Армијата на Р Македонија. Комисијата ја сочинуваа: Неговото Високопреосвештенство, Митрополит Брегалнички г. Стефан (актуелниот Архиепископ) ‒ претседател, протојереј Драге Костадиновски ‒ член, и протојереј Ацо Гиревски ‒ член. Синодот ја задолжи Комисијата да воспостави контакти со надлежните воени власти, за да се испита можноста македонски свештеници да бидат вклучени во редовите на Армијата на Р Македонија. Комисијата ги продолжи разговорите со одговорните лица при Генералштабот на Армијата на Македонија, со Министерството за одбрана, односно со министерот Благој Ханџиски, како и со претставници на Американската армија од државата Вермонт ‒ партнери на нашата Армија до ден-денес. Со поддршка кон иницијативата на МПЦ тогаш се надоврза и старешинството на Исламската верска заедница, кое, иако беше свесно дека реализацијата на ова прашање ќе оди тешко, сепак сметаше дека до договор може да се дојде. Меѓутоа, Министерството за одбрана тогаш се бранеше дека нема законска основа за „молитви во касарните и дека паралелата меѓу американските свештеници-офицери и нашите свештеници не е можна“6, наспроти расположението на Владата на Р Македонија, во касарните на АРМ да се создадат услови за задоволување на верските потреби на војниците7.
Врз основа на програмата на таканаречениот оддел „Контакт тим“ при Пентагон, САД, кој имаше истурена канцеларија за врски при Генералштабот на Армијата на Македонија во Скопје, од 14 до 22 мај во Литал Рок и Вашингтон, САД, заминавме на обука8: протојереј Драге Костадиновски, јас ‒ проф. протојереј Ацо Гиревски и полковникот Благоја Марковски ‒ моралист од Министерството за одбрана на Р Македонија. По враќањето, до САС на МПЦ доставивме детален извештај со соодветни материјали. За оваа пригода, еве, само накусо неколку зборови.
Предавањата беа циклусни, придружени со видеофилм и прикажување шеми на платно, се одвиваа во претпладневните и во попладневните сесии, а паралелно со тоа имавме и разгледување на капеланските работилници. Предавањата најчесто беа во врска со местото, улогата и значењето на капеланите во Армијата на САД, како и со презентирање на најновите програми за вклучување на капеланска традиција во армиите на земјите на посткомунизмот, или поточно ‒ на земјите кандидатки за членство во НАТО, што беше еден од предусловите за воведување капеланска служба во нивните армии.
Прво што научивме беше за мисијата на капеланите во Армијата. Како прво: „Капеланот има задача да обезбеди религиозна служба, пастирска грижа и морална добросостојба на воената заедница“, а како второ: „Покрај горната алинеја, капеланот е задолжен уште и за за воениот кадар да има примерна одговорност, да му помага на командниот кадар при планирање, развој и имплементација на овие командни одговорности“. А кои прашања обично беа поставувани? Интересни беа следните: Каде (во кои редови) во Армијата треба да има капелани? Кои поединци можат да бидат капелани и што се бара од нив? Која е нивната улога, во каков ранг се, или, на пример, кој ги поставува капеланите? Која е улогата на психолозите и на психијатрите, наспроти капеланите во Армијата? Уште кои други моралистички оддели постојат во Армијата? Колку програмата којашто ја нуди Пентагон може да послужи за армиите на земјите во транзиција? Или на пример: Дали улогата на капеланот е соодветна на командантот и обратно ‒ можни ли се извесни проблеми на таа релација? Колку капеланот е војник и дали е обврзан за материјалното во Армијата, на пример, дали е задолжен со оружје во мирно и во воено време? Можна ли е и колкава е застапеноста на литургиско-евхаристиската традиција во Армијата? Каков е начинот на работа на капеланот кога застапува капелан од друга верска конфесија? и сл. Учесниците тогаш изнесуваа и свои искуства од земјите од каде што доаѓаа. Додека, пак, предавачи беа капелани со високи чинови во Армијата на САД и од капеланските оддели при Пентагон.
Во базите имаше можност да се присуствува на заедничка молитва, па така, на 19 мај (недела), во базата „Квантико“ при Корпусната команда на Вашингтон, во православната капеланска црква, заедно со корпусниот капелан ‒ Гркот Милтон Гионулис, протојереј по чин, македонските делегати, протојереите Драге Костадиновски и Ацо Гиревски, зедоа учество на Утрената и на Литургијата. Корпусната православна капела беше исполнета со војници, високи офицери и нивните семејства, како и со делегатите на другите конфесии коишто се приклучија откако завршија нивните богослужби. По Литургијата имавме заеднички пикник.
За подвлекување е тоа што за првпат „се скрши обрачот“, односно се случи сослужување на припадник на Грчката Архиепископија, и во овој случај, на Македонската Православна Црква, а, освен тоа, се служеше, покрај на грчкиот и на англискиот, и на македонски јазик. Исто така, беа реализирани и посети на меморијалните споменици на Линколн и Џеферсон, на Националните гробишта на САД, со поклонение на гробот на Кенеди, на гробовите на капеланите; потоа го посетивме меморијалот од Виетнамската војна, како и Пентагон, каде што останавме речиси цел еден ден.
По враќањето од САД, писмено поднесовме неколку наши мислења до Армијата на Македонија, како, на пример, дека е прифатлива Програмата на Пентагон, која има 200-годишно искуство на капеланска служба во Армијата, а го има ставот на НАТО, а меѓу другите услови, и пристапот во НАТО на земјите во транзиција; дека луѓето мора да работат заеднички за подобрување на животот на луѓето во Армијата (тоа, всушност, е девизата на капеланите во САД); Министерството за одбрана, кое е и надлежно за капеланството да изготви сопствена програма, а Пентагон е подготвен да помогне во обуката. Наши предлози доставивме и до МПЦ: дека САС на МПЦ треба и официјално да побара од Министерството за одбрана воведување капеланска служба во Армијата, а за почеток да делегира во Контакт-тимот еден капелан и негов заменик, кои ќе бидат потврдени и од Генералштабот на АРМ, кој заедно со избраниот командант (висок офицер) од страна на АРМ, ќе имаат задача да го проучат војниот дел на обуката (според програмите на НАТО и на својата Армија), со што би се оспособиле за инструктори на вистинските кандидати за евентуални капелани во АРМ. Донесовме и материјали: Доктрина, Мисија на верска поддршка, Водство и други материјали.
Таа година, есента, дојдоа американски капелани ‒ гости на МПЦ9. Тие, на 22 октомври 1996 година, во просториите на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, одржаа предавања пред студентите, на тема: „Искуството на капеланската служба во Армијата на САД“. Предавањата беа резултат на веќе воспоставената врска на Контакт-тимот на Пентагон за воведување капеланска служба и во Армиите на тогашните земји во транзиција, односно земјите кандидатки за членство во НАТО, и Комисијата за проучување и застапување на асоцијацијата за воведување воено свештенство во Армијата на Р Македонија.
Предавачи беа полковниците капелани: д-р Полит, монсињор Супа и Ст. Џемс, а на студентите им се обрати и командантот на лигата ‒ Тим за врски во Р Македонија, полковникот г. Геџју. Предавањата беа следени со голем интерес од страна на студентите, што предизвика и одреден број прашања во врска со капеланската служба во Армијата, односно околу улогата на воените свештеници и нивната грижа за духовниот живот на војниците. Беше ставен акцент, исто така, на ангажираноста на капеланите во решавање на прашањата од религиозен карактер, како и за потребата од личен контакт со луѓето од Армијата, поради нивните проблеми од најразличен вид.
Потоа заминавме за Штутгарт, Германија (2‒6 декември 1996 година), при Главната команда на Американската армија за Европа, каде што се одржа конференција во организација на Joint contact team program (Мешовит контакт-тим) при Пентагон, САД. Заминавме јас10 и мојот тогашен студент Славе Костадиновски. Конференцијата имаше работен карактер на интернационална воена едукација (обука). Имаше неколку теми, а централни беа планирањето и буџетот. Како значајна ја издвојуваме и програмата „Партнерство за мир“, наречена уште и „Програма на иднината“, која имаше единствена цел ‒ интернационален мир. Конференцијата имаше и практичен литургиско-пастирски дел, на кој му се придаде свечен екуменски карактер. „Луѓето коишто веруваат ‒ се пријатели пред да се запознаат“, беше рекол Достоевски. Учесници имаше од: Естонија, Латвија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија и од Македонија. Предавачи беа петнаесетина високи воени капелани од Вашингтон, како и високи офицери при Главната команда за Европа на Американската војска, стационирани во Штутгарт.
Следната година наши претставници ‒ Митрополитот Брегалнички г. Стефан (денес актуелниот Архиепископ) и протојерејот Драге Костадиновски ‒ учествуваа на Осмата конференција на капеланите (од 3 до 7 февруари 1997 година), која се одржа во Прага, Чешка11. На конференцијата тогаш имало над 120 учесници од 32 земји, а помеѓу нив биле присутни и видни личности кои професионално биле вклучени во армиите на своите земји. Предавањата биле на теми од животот, активностите и резултатите од дејноста на свештениците капелани во редовите на Армијата во земјите каде што се застапени (етиката и моралот на воените лидери, фундаменти на моралниот авторитет и моралниот карактер на војниците).
Истата оваа делегација на МПЦ, во летото од 16 до 25 јуни, престојуваше во САД, како гости на капеланите во редовите на Американската војска, во државата Вермонт12. За тоа време, тие направиле посета на Главната воена команда во Бурлинктон, каде што биле примени од високи офицери свештеници во редовите на Американската армија. Оствариле посета и на големиот полигон Форт друм, каде што, пак, имале можност практично да ја видат работата на воените свештеници капелани меѓу американските војници. И во нивните извештаи, исто така, е видно нагласена потребата од воведување капеланска служба во нашата Армија, како „служба за исклучителна почит“.
Почетните искуства на капеланската служба кај земјите во транзиција тогаш и денес
Значајни беа информациите, коишто можеа да се разменат, и искуствата на земјите учеснички, како на пример: тоа дека може да се зборува за искуствата на капеланската служба во изминатите 200 години (кај Армијата на САД); Романците тогаш имаа веќе промовирано 23 капелани, од кои четворица веќе беа во мисија ‒ еден во Босна, еден во САД на обука и двајца на располагање. Денес веројатно се повеќе. Чешка, на пример, е земја за која се смета дека е најмалку религиозна од сите земји коишто се во транзиција, но, како што дознавме, таа не сакала да биде исклучок и да не ја искористи можноста, како идна земја членка на НАТО, во својата Армија да има и свештеници, и тоа го направила уште во 1990 година.
Не сум сигурен за балтичките земји, освен за Латвија, а со сигурност знам за поранешните ЈУ републики дека веќе имаат капеланска служба во своите армии.
Хрватите, на пример, уште тогаш со декрет имаа имаа определено капеланска црква во Јастребарско, а, освен тоа, имаа изготвено „Молитвеник за католике у хрватској војсци“. Денес тие се земја членка на НАТО и имаат редовна капеланска служба т.н. Воена капеланија „Св. Валентин“ во Загреб, која беше основана со декрет на воениот бискуп, на 24 декември 1999 година.
Хрватите, на пример, уште тогаш со декрет имаа имаа определено капеланска црква во Јастребарско, а, освен тоа, имаа изготвено „Молитвеник за католике у хрватској војсци“. Денес тие се земја членка на НАТО и имаат редовна капеланска служба т.н. Воена капеланија „Св. Валентин“ во Загреб, која беше основана со декрет на воениот бискуп, на 24 декември 1999 година.
Додека, пак, меѓу Министерството за одбрана и Светиот архијерејски синод на Српската Православна Црква, на 28 јуни 2011 година, потпишан е Договор, а на 18 октомври истата година и со другите шест традиционални цркви и верски заедници во Србија (Римокатоличката црква во Србија, Словачката евангелистичка црква, Еврејската заедница во Србија и Исламската заедница во Србија). Република Србија не е членка на НАТО, меѓутоа, потпирајќи се на еден долг континуитет на воена служба во Армијата до Втората светска војна13, веќе со потпишувањето на тој Договор кај нив се овозможи спроведување на Уредбата за вршење верска служба во Армијата на Србија и, на некој начин, воспоставување континуитет14.
Грузиската Православна Црква, во 2003 година испрати свештеници во воените центри за капелани во САД, со договор меѓу Патријархот Илија и Џ. Стефер, главен капелан за американските сили за Европа15. Денес, веројатно, тие кандидати се инструктори во својата земја.
Епилог
И покрај сите овие активности, за тоа време не успеавме да регрутираме свештени лица за капелани во Армијата на Македонија. А јас продолжив да ја вршам „капеланската служба“ во факултетскиот храм „Св. Јован Крстител“ во Капиштец. Ќе приложам еден куриозитет за оваа пригода: откако ги бев крштевал децата на премиерот Црвенковски, а тие растеа кај нивните баба и дедо во една од воените згради во Капиштец, бабите на децата од офицерите од воените згради зачестија да ги носат децата на крштевање во Капиштец, ама тоа го правеа додека нивните татковци беа на работа или на терен. И, обично брзаа, бидејќи некои од нив кришум од родителите или само со знаење на мајката ги носеа на крштевка. Јас, пак, ќе им речев: „Не, не, какво брзање, јас сум воен свештеник“ и за да бидам убедлив, ќе ја кренев ногавицата за да им ја покажам воената сивозелена чорапа, подарок од снаата офицерка, жената на брат ми ‒ полковник во АРМ. Тогаш ја крштевав и нивната ќерка, моја внука. А бидејќи таа беше возрасна, сама дојде во црква, се разбира, со нејзината кума.
Воениот конфликт во РМ во 2001 година, смртта на Архиепископот Михаил, честите смени во Министерството за одбрана и во врвот на АРМ, процесот со пристапот во Алијансата и нашето пензионирање ‒ не знам дали сите тие се вистинските причини за запирање на овој процес, но прашањето за воведување капелани во Армијата на Р С Македонија не се затвори. Неофицијално, некаде прочитав16 дека во 2016 година, од страна на верските заедници било побарано воведување капелани во Армијата, во болниците, во затворите и во институциите, и дека надлежните, сè до 2019 година не одговориле на тие барања, (веројатно) како да се нема разбирање за ова прашање.
Од 2020 година Р С Македонија е земја членка на НАТО, така што исполнето е времето и нашата Армија да регрутира во своите редови капелани, по примерот на другите поранешни ЈУ републики, и постсоцијалистичките земји, потпирајќи се на какво-такво искуство, кое го почнавме ние пред конфликтот во 2001 година, ако се има предвид задачата на верската служба во улога на развивање и јакнење на духовните и моралните вредности на припадниците на Војската на Македонија, негување на војничките доблести (добродетели) и патриотизмот, како и обликување (граѓанска) општествена одговорност и сето тоа во функција на градење, одржување и зголемување на оперативната способност на Војската на Македонија за време на извршувањето на сите дефинирани мисии и задачи во еден безбеден, стабилен и економско просперитетен регион.
Судејќи според политичките влијанија и расположението на Републичката комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, без кои не може да се донесе одлуката, досега, чинам, немало отпор кон капеланството, а ниту и од другите конфесии, вклучително и Исламската верска заедница. Очекуваме во блиска иднина да се воведе позитивното искуство од Американската армија, како и од армиите од нашето опкружување, па свештениците од МПЦ ‒ ОА да ги задоволуваат религиозните и духовните потреби на Армијата на Р С Македонија. А кога веќе толку се чекаше, можеби е време да се размислува за воведување капеланска служба и во болниците, во затворите и, по потреба, и во други институции.
Очекуваме во блиска иднина да се воведе позитивното искуство од Американската армија, како и од армиите од нашето опкружување, па свештениците од МПЦ – ОА да ги задоволуваат религиозните и духовните потреби на Армијата на Р С Македонија.










- Како, на пример, од професорите на Факултетот за безбедност д-р Марјан Ѓуровски, „Свештеници капелани во АРМ“ (Премин Портал, 11 март 2008), и д-р Оливер Андонов, „За свештеничката служба во Армијата“, објавен во списанието Православен пат на Скопската епархија, број 48/2023 година и други. ↩︎
- Проп 3, 1. ↩︎
- Кирил Мојсиев, „Капеланот во Армијата на САД“, Одбрана, ноември-декември 1995, 21. ↩︎
- Одлука на САС на МПЦ, син. бр. 205/96. ↩︎
- Одлука на САС на МПЦ, син. бр. 204/96. ↩︎
- „Капеланите не се пресликуваат!“, Вечер, 17 јануари 1997. ↩︎
- „Молитви во касарните“, Пулс, 17 јануари 1997, 18. ↩︎
- Протојереј Ацо Гиревски, „Свештеници и во АРМ“, Црковен живот, Весник на Македонската архиепископија, број 8, Скопје, октомври 1996, 3. ↩︎
- Протојереј Ацо Гиревски, „Американски капелани ‒ гости на МПЦ“, Црковен живот, број 9, Скопје, ноември 1996, 12. ↩︎
- Протојереј Ацо Гиревски, „Капеланите ‒ силно современо оружје во борбата за мир и благосостојба“, Црковен живот, број 11, Скопје, јануари 1997, 4. ↩︎
- „Одржана Осмата конференција на капеланите“, Црковен живот, број 12, Скопје, јануари 1997, 12. ↩︎
- „Служба за почит“, Црковен живот, број 16, Скопје, јуни 1997, 12. ↩︎
- Протојереј м-р Александар Д. Средоевић, „Размишљања о војним свештеницима“, Гласник, Београд, август 2009, бр. 8, 213‒215. ↩︎
- Спореди: Славица Лазић, „Војска и народ у ескатолошкој саборности“, Православље, Београд,15 април 2011, 15. ↩︎
- Православље, Београд, 1‒15 јануари 2013, 15. ↩︎
- М-р Тимурленк Чековиќ, И нашата Армија и Полиција имаат потреба од капелани, respublica.edu.mk, 18.3.2019. ↩︎
