Православната богослужба ги активира сите сетила: видот – преку гледањето на иконите и фрескописот во храмот, па и на самиот храм, односно архитектурата, надворешните и внатрешните украси, одеждите на свештенослужителите, црковните садови и предмети; слухот – преку слушањето на прозбите, молитвите и црковното пеење, кое во Православната Црква не е придружено со инструменти, бидејќи човечкиот глас може да се смета како најсовршен инструмент, а и бидејќи пеењето служи уште повеќе да го привлече вниманието на слушателот кон зборовите кои се изговараат; сетилото за мирис – преку благоуханието на темјанот; допирот – преку опипливоста на храмот и на црковните предмети, иконите и моштите кои ги целиваме; вкусот – преку вкусувањето на Светата причест, нафората, светената вода и благословените дарови принесени во храмот. Православното богослужење го задоволува и го исполнува секое човеково сетило, и бидејќи ние и своето внимание и својот ум ги воздигаме и ги насочуваме кон Бога – можеме да кажеме дека целото наше битие е обземено, па ние чувствуваме радост, мир и спокојство од Божјата близина.
Меѓутоа, црковната богослужба трае само онолку колку што трае, а луѓето и не одат секој ден на богослужба, така што голем дел од нашето време ние сме надвор од богослужбата, односно надвор од храмот, и нашите сетила се препуштени на некој друг тип на дразби, а нашиот ум се зафаќа со други теми и проблеми. Во времето и во опкружувањето во кое живееме, неретко тие други теми, проблеми и сетилни дразби не се нешто што нè приближува до Бога, туку напротив, се нешто што нè одвлекува и нѐ оддалечува од Бога и од благодатниот живот, иако на прв поглед може и да не се чини дека е така.
Денес, како никогаш претходно во историјата, човекот е изложен на многу сетилни дразби кои се човечка креација. Некои проучувачи проценуваат дека денес човекот, во текот на еден ден, ќе види повеќе слики кои се човечка креација, отколку она што луѓето пред само два-три века можеле да го видат во текот на целиот свој живот, дури и ако живееле повеќе од сто години. Ако тоа го споиме со фактот дека живееме во општество во кое најмногу се промовираат нехристијански, пред сè материјални вредности, тогаш сфаќаме дека сме многу повеќе изложени на ваков вид искушенија, отколку што биле нашите предци, искушенија кои нè одвлекуваат од благодатниот живот и од Бога – Изворот на радоста.
Кон тоа ќе ги додадеме секојдневните вести и новости и секаков вид на други содржини кои стигнуваат до нас преку медиумите и преку социјалните мрежи, и обемното општење преку современите средства за комуникација, кои, најчесто, уште повеќе го расејуваат нашето внимание и ни го намалуваат времето кое го имаме за да го поминеме со нашите најблиски и со Бога.
Во врска со овие содржини, би сакал да раскажам нешто. Во светогорските манастири постои обичај, по сите служби во денот, пред гостите-поклоници да заминат да одморат наспроти утрешните рани богослужби, некој од монасите да дојде и да им каже по некој збор на поука, па и на тој начин да имаат дополнителна духовна полза од посетата на тие свети места. Во една таква прилика се најдов во ситуација да го слушам отец Панарет од манастирот Григоријат, кој ја започна својата поука без претходно подготвен план што точно ќе зборува, оставајќи Му на Бога да го води текот на разговорот. Се разви тема за гледањето телевизија. Тука треба да се спомне дека отец Панарет, кој се упокои пред неколку години (нека му е вечен споменот), беше од постарата генерација, за која радиото и телевизијата беа врвните медиуми, а верувам дека интернетот и новите технологии му беа во голема мера непознати.
Во светогорските манастири постои обичај, по сите служби во денот, пред гостите-поклоници да заминат да одморат наспроти утрешните рани богослужби, некој од монасите да дојде и да им каже по некој збор на поука, па и на тој начин да имаат дополнителна духовна полза од посетата на тие свети места.
„Најдобро би било да ги исфрлите телевизорите од дома, доколку тоа нема да ви направи проблем во бракот, да не си мислат вашите сопруги дека сте полуделе, и воопшто да не гледате телевизија. Ако сакате да се информирате – слушајте радио“ – советуваше отец Панарет.
„Но, оче, на телевизија има и многу корисни и душеполезни емисии, имаме и христијански телевизиски канали“ – рекоа некои од поклониците, зборувајќи за грчките православни телевизиски емисии и канали.
„Да ви кажам за една најдобра духовна емисија којашто постоеше на телевизија, во мое време,“ – продолжи отец Панарет – „која толку беше добра и популарна, така што многу луѓе ја гледаа. И бидејќи имаше таква голема гледаност – сите реклами ги ставија во текот на таа емисија. Гледаш некоја полезна содржина, и одеднаш, само за миг, ќе видиш некоја недолична слика во реклама, и оди избиј си ја после таа слика од глава. Визуелната дразба остава многу посилен впечаток на душата отколку звучната дразба. Затоа ви велам – слушајте радио, ако сакате да се информирате и да следите душеполезни емисии. Па дури и да има некоја реклама, нема толку многу да ви наштети“ – кажа како заклучок отец Панарет.
Ние, како христијани, повикани сме своето време и своето внимание да ги насочиме кон Бога. Дури и кога работиме и сме преокупирани од секојдневни грижи, не треба да забораваме на Бога. Светиот апостол Павле советува: Молете се непрестајно1 – и тоа светителите успевале да го направат, да стекнат таква постојана молитва, која тече и се извршува дури и кога човек работи, разговара со други луѓе или прави нешто друго што бара внимание.
Очигледно, ова не е лесно да се постигне. Сепак, она што можеме да го направиме е да бидеме претпазливи кон што го насочуваме нашето внимание и како го трошиме нашето време. Препуштајќи ѝ се на содржината којашто ја нудат медиумите и социјалните мрежи, свесно или несвесно ги прифаќаме световниот начин на размислување, световните мерила, односно световните вредности, кои не се исти со христијанските вредности, а многу често се и спротивни на христијанските вредности, поради што светиот апостол Павле нè советува да не се сообразуваме со светот2.
Наместо тоа, да избереме да другаруваме со Бога и со светителите. Да го поминуваме нашето време во читање на Светото Писмо, на житијата на светителите, на делата на светите отци, на Божјите угодници од сите времиња. Наместо да се интересираме за животот и за делата на луѓето кои светот ги промовира – да ги проучуваме животите и делата на вистинските ѕвезди-водилки: светителите на Православната Црква, кои се добар пример за нас, кои ќе ни дадат вдахновение за христијански живот, кои ќе ни дадат идеи како можеме и ние да постапуваме, за да најдеме излез од некои животни безизлези и како да живееме во светот, а да си ја запазиме својата совест неоскверната од светот.
Денес, како никогаш до сега, лесно достапни ни се Светото Писмо, житијата на светителите, делата на светите отци и современите подвижници – дури и бесплатно и на разбирлив јазик. Тоа неверојатно изобилие е голем дар Божји, кој не би требало да го занемариме. Наше е да ги вложиме нашето време и нашето внимание. Ако во тоа се потрудиме малку повеќе, тогаш и благодатта од неделната и празничната богослужба ќе нè држи повеќе и посилно, до наредната Божја служба во храмот Господов.
