Размислувањата и наведените факти, коишто следат во овој запис, не претендираат да понудат научна статија. Нивна првенствена цел е да поттикнат интерес и желба за подетално изучување. Затоа не се задржувам на наведување разни извори, сместени во фусноти, освен она што е крајно неопходно при елементарна поткрепа на одредена формулација. Во поново време (20 и 21 век) се напишани многубројни студии, анализи и книги, кои детално го обработуваат одговорот на поставеното прашање во насловот на овој запис. Па така, секој кој има интерес, истовремено има и извонредна можност да навлезе подлабоко во проучување на оваа тема.
Веќе неколку векови, како назив на светотаинското собирање на христијаните, сме навикнале да го употребуваме терминот „литургија“. Тоа е старогрчки збор, односно кованица од два збора, и во превод значи „народно, општествено, јавно дело“. Во античкиот свет секоја општествена иницијатива и дејност (на пр. хуманитарна, социјална, политичка итн.) се нарекувала „литургија“. Во првите векови, христијаните дури и ја одбегнувале употребата на терминот „литургија“, затоа што тој асоцирал на активности кои биле поврзани со паганскиот свет. Првобитно, односно во ранохристијанскиот период, па сѐ до периодот по иконобречките потреси (8‒9 век), се употребувале други термини. Карактеристични се следниве: „трпеза“ (со подоцнежно додавање на придавката „Господова“), „собрание“ (најчесто употребуван термин, кој се среќава и кај големите отци и црковни писатели), „евхаристија“ (грчки збор за благодарење), „прекршување на леб“. Но, од 9 век па наваму, терминот „литургија“ влегол во масовна употреба.
Основата на Литургијата е собрание на одреден број христијани на едно место. Целта на собирањето е поставена од Главата на Црквата, односно од Богочовекот Христос, Кој дал недвосмислени инструкции: „Ова е Моето тело, кое се дава за вас; правете го ова во Мој спомен“. Исто така направи и со чашата, по вечерата, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв, која се пролева за вас“1. Значи, целта на наведеното собирање е заедничко јадење на Христовото Тело и пиење на Неговата Крв. Потоа следи благодарење за овој голем дар, по примерот којшто, исто така, ни е оставен од Христос2. Меѓусебното заедничарење со Христовите Тело и Крв е врвна точка на литургиското собрание. Меѓутоа, не станува збор за просто собирање, јадење, пиење, благодарење и заминување. Во рамките на овој свештен собир е вклучена и поука, со цел меѓусебна поткрепа и духовна надградба.
Целта на наведеното собирање е заедничко јадење на Христовото Тело и пиење на Неговата Крв. Потоа следи благодарење за овој голем дар, по примерот којшто, исто така, ни е оставен од Христос. Меѓусебното заедничарење со Христовите Тело и Крв е врвна точка на литургиското собрание.
Сепак, принесувањето на леб и вино на трпеза, и произнесувањето на поука за духовна надградба би биле еднострано човечко дејствие доколку не се проследени со соодветни молитви. Со обраќањето кон Бога, христијаните бараат од Него да ја испрати благодатта на Светиот Дух за конкретните дејствија. На почетокот, при собирањето на заедницата, се бара од Бога да го благослови нивното заедничко влегување во конкретниот простор3, со цел да ја извршат горенаведената Христова заповед. По влегувањето, пред почетокот на читањето на библиски текстови и апостолски посланија, кое е проследено со објаснување и поука, исто така, е неопходно и обраќање кон Бога, за да го просветли умот на собраните за да ја разберат евангелската порака. И, секако, молитвата е нераскинлив дел од принесувањето на лебот и виното, бидејќи благодатта на Светиот Дух е таа којашто ги претвора во Христови Тело и Крв. Потоа следува веќе спомнатото благодарење.
Од овие наведени елементи, ние веќе ја препознаваме структурата на евхаристиското собрание:
1. Собирање; 2. Влегување во конкретен простор; 3. Читање на библиски текстови и поука; 4. Принесување на леб и вино; 5. Благодарење кон Бога и призив на Светиот Дух врз принесените дарови; 6. Заедничко јадење и пиење на Христовите Тело и Крв (причестување); и 7. Израз на благодарност кон Бога за причестувањето.
Се разбира, секој од овие моменти е проследен со молитва на целата собрана заедница. Покрај молитвите за конкретните дејствија, на овие христијански собранија отсекогаш земале место и општите прозби и молитви, кои практично го опфаќаат целиот свет.
Во текот на дваесетвековната црковна историја, надворешниот изглед на литургиското, евхаристиско собрание, значително се изменил. Во однос, пак, на внатрешниот дел, односно на суштината, нема измени. Горенаведената структура е способна да опстојува во различните форми на надворешниот изглед.
Веќе спомнав дека древен назив за ова собрание е „трпеза“. Веднаш треба да се нагласи дека не станува збор за алегориски израз. Станува збор за реален назив, кој го опишува карактерот на евхаристиските собранија. Имено, во апостолскиот и во ранохристијанскиот период, Евхаристијата буквално била трпеза. За време на земниот живот, Господ Исус Христос секојдневно бил на трпеза со апостолите, а неретко бил присутен и на трпези кај луѓе од различни општествени статуси. Најкарактеристично е опишана заедничката трпеза на Христос со апостолите, непосредно пред Неговите спасителни страдања. Оваа трпеза е позната како Тајна вечера. Од евангелските текстови дознаваме дека на таа трпеза е востановен Новиот Завет меѓу Бога и човештвото. Објавувањето на Новиот Завет и неговото актуелизирање се извршило и се извршува со прекршување на леб и со благословување на чаша со вино (растворено со вода). Во овој амбиент, тие леб и вино се, всушност, Христовите Тело и Крв4.
Во апостолскиот, односно во ранохристијанскиот период, евхаристиското собрание продолжило да биде трпеза. Тогаш луѓето се собирале на трпеза по различни основи. Впрочем, меѓусебното дружење и заедничарење се одвивало на трпезите. Тие си имале свој поредок, според тогашната грчко-римска практика. Така, и христијаните го презеле тој модел на собирање, при тоа давајќи му сосема нова димензија поради причината и содржината на нивните собранија.
Од библиските записи дознаваме дека уште од апостолско време се забележувале одредени злоупотреби, кои доведувале до неред на евхаристиските трпези. Имено, апостолот Павле им упатил сериозен укор на коринтските христијани, поради недоличното однесување на поединци за време на евхаристиските трпези, односно собранија5. Ризикот од таков вид на проблеми уште повеќе се зголемил откако христијанството добило слобода во Римската Империја, а особено откако било издигнато на ниво на државна вероисповед. Веќе во раниот византиски период се појавила потреба да се оддели трпезата од светотаинскиот дел на принос на Даровите и на меѓусебното причестување. Всушност, тогаш се направила рокада, па евхаристиското прекршување на леб и благословувањето на чашата биле преместени пред заедничката трпеза. Трпезата не била потполно исклучена, туку се преместила за да се одржува по причестувањето (каде што постоела и постои можност за такво нешто). Меѓутоа, и покрај ваквата рокада, сепак се задржала суштината, односно непобитниот факт дека евхаристиското собрание претставува наша заедничка трпеза со Господ Исус Христос. Нераскинливата врска меѓу евхаристиската и вообичаената трпеза денес може особено да се забележи во светогорските манастири. Имено, кога се прославува поголем празник, крајниот отпуст се извршува по трпезата (завршува благодарењето по причестување, се оди на трпеза, а по завршување на заедничката трпеза повторно се оди во храмот и се прави конечен отпуст).
Црквата е жив организам и со неа раководи Светиот Дух, па затоа се возможни вакви надворешни измени. Причината за нивната неопходност е зачувување на црковниот поредок, а тоа е со цел непречено движење и растење во заедницата со Бога, од што произлегува и нашата меѓусебна заедница. Имајќи ја предвид структурата на литургиското, односно на евхаристиското собрание, ние можеме да заклучиме дека свесните христијани во него учествуваат. Значи, доколку некој му се приклучува на тоа собрание, со својата душа се моли заедно со сите, внимателно ги слуша библиските читања и поуката, се причестува со Христовите Тело и Крв и, заедно со сите, Му благодари на Бога за тој дар, тогаш терминолошки е правилно да кажеме дека тој учествува. А, доколку некој е само физички присутен, но внатрешно одбива да учествува во наведените сегменти на собранието (не се моли, не ги слуша поучните делови, не се причестува и не Му благодари на Бога за тоа), тогаш за него е правилно да се каже дека само присуствува. Изборот ѝ е препуштен на слободната волја на секого од нас.
- Лк 22, 19 и 20. ↩︎
- Сп. Мк 14, 26. ↩︎
- Во тој контекст се зборовите коишто свештенослужителот ги изговара на Малиот вход: „Благословен е входот (влегувањето) на Твоите свети“. Според апостолската терминологија, христијаните-учесници на евхаристиското собрание се нарекуваат „свети“. ↩︎
- Сп. Мт 26, 26‒29; Мк 14, 22‒25 и Лк 22, 14‒20. ↩︎
- Сп. 1 Кор 11, 17‒34. ↩︎
