Црквата во светот

Христијаните биле христијани единствено поради тоа што христијанството им донело слобода од смртта. Кога некој би сакал да навлезе во срцето на источното христијанство, би морал да присуствува на Воскресна (Неделна) Литургија: сите други обреди се само отсјај и сенка на оваа Литургија. Шест збора на воскресниот тропар – Воскресната химна – се повторуваат илјадници пати, со непоимливи радости: „Со смртта си ја згазил смртта“. Во ова е содржана големата порака на Византиската Црква: радоста на Велигден – прогонувањето на исконскиот страв кој го обземаше човековиот живот. Тоа е она што ме натера да верувам и да ја одржувам мојата верба. Исповедањето на триумфот било преведено на сите јазици на Истокот, но, сепак, никогаш не ја изгубило својата моќ. Ова е верување кое го пронајде своето материјално изразување во иконата, а човечкиот недостаток не можеше да го засени значењето на радосната мистерија.

Овие зборови на еден световен историчар сосема адекватно го одразуваат она коешто сме се обиделе да го кажеме за византиското христијанство како „доживување“. Без разлика дали византискиот христијанин бил богослов, монах или обичен световен човек, тој знаел дека неговата вера не е некакво пасивно прифаќање на интелектуалните поставки, кои ги предложил соодветен орган, туку е доказ кој му е лично достапен во подвижничкиот и во светотаинскиот живот на Црквата, кои, всушност, се неразделни меѓусебно. Ова доживување – кое не е ниту физичко, ниту емоционално, ниту интелектуално – е опишано како gnosis или како духовно слушање или како внатрешна сигурност. Свети Симеон Нов Богослов сметал дека најголема ерес е тврдењето дека постигнувањето на ова знаење е невозможно за секој христијанин.

Без разлика дали византискиот христијанин бил богослов, монах или обичен световен човек, тој знаел дека неговата вера не е некакво пасивно прифаќање на интелектуалните поставки, кои ги предложил соодветен орган, туку е доказ кој му е лично достапен во подвижничкиот и во светотаинскиот живот на Црквата, кои, всушност, се неразделни меѓусебно

Без разлика дали некој се согласува со Владимир Лоски дека, во извесна смисла, целото богословие е мистично или со скепса се гледа на византискиот задолжителен мистицизам, очигледно е дека дефиницијата за христијанството како доживување, покренува проблем во поглед на термините за негово сведочење на вербални изрази или дефиниција за условите на активност, на однесување и на практични одговорности. Во очите на западните христијани, Источната Црква често се појавува како сосема друг свет. Навистина, Западот традиционално повеќе се занимавал од Истокот со организирање на човечки општества, со дефинирање на христијанските вистини, со терминологија која може лесно да се разбере, давајќи му на човекот конкретни нормативни формули за однесување и за владеење. Да се направи обид критички да се отслика овој програм во византиското богословие, значи да се покрене еден од основните богословски и антрополошки проблеми на христијанскиот живот: односот меѓу апсолутната Божја вистина и релативните способности, набљудувања и дејствувања кои ги поседува создадениот и огревовен човек.

Мисијата на црквата1

Византиското учење, според кое царството и Црквата биле сојузници во водство на единствената универзална христијанска екумена (οικουμένη), подразбирало нивна соработка на полето на мисијата. Ознаката „рамноапостолен“ (ισάποστολος) се однесувала на Константин Велики токму поради тоа што тој придонел во преобраќањето на екумената кон Христа. Цариградските цареви, неговите наследници, по правило биле погребувани во храмот на Светите апостоли. Нивната мисионерска одговорност била нагласена во дворска церемонија. Од царот се очекувало да унапредува во христијанската вера и да се држи до христијанската етика и до христијанското однесување, но и да се постигнат овие цели преку законодавството и преку поддршката дадена за мисионерските и за добротворните активности на Црквата.

Надвор од царските граници, во очите на нехристијаните, сојузот Црква-држава често водел до de facto поистоветување на политичките интереси на империјата со судбината на православното христијанство. Нехристијанските владетели на Персија и на арапските калифи, често ги прогонувале христијаните не само поради верскиот фанатизам, туку и затоа што се сомневале дека се сојузници на царевите. Сомнежот, всушност, честопати бил оправдан, особено за време на долгата света војна меѓу исламот и христијанството, којашто ги направи духовните контакти, меѓусебното разбирање и значајниот дијалог практично невозможни. Поради оваа причина, освен во многу мал број случаи, византиското христијанство никогаш не можело да направи мисионерско продирање меѓу исламските напаѓачи кои доаѓале од Исток.

Меѓутоа, мисионерската активност била особено успешна меѓу варварите кои доаѓале од Северот – Монголите, Словените и кавкаските племиња – кои ги преплавиле царските територии и на крајот се населиле како северни соседи на Империјата. Токму ова мисионерско дело, всушност, го зачувало универзалниот (вселенскиот) карактер на Православната Црква по преминувањето на негрчките заедници на Средниот Исток во монофизитизам и по големиот раскол со Западот. Особено по деветтиот век, византиското христијанство се проширило спектакуларно, проширувајќи го своето продирање до Каспиското Море и до Северниот Океан.

Византиската мисија кај Словените обично се поврзува со она што се нарекува „Кирилометодиева идеологија“ и се карактеризира со преведување на Светото Писмо и на Литургијата на народниот јазик на новообратените народи, од светите браќа, Константин (Кирил) и Методиј, во IX век. Меѓутоа, византиските црковни лица не биле секогаш доследни на принципите усвоени од првите мисионери. Историските докази покажуваат дека практикувале и насилна елинизација и културна интеграција, особено кога Империјата успеала да постигне директна политичка контрола врз словенските земји. Сепак, во принцип никогаш не било оспорено основното теолошко значење на христијанската мисија, како што е изразено од Кирил (или Константин Философ – световното име на Кирил):

Византиската мисија кај Словените обично се поврзува со она што се нарекува „Кирилометодиева идеологија“ и се карактеризира со преведување на Светото Писмо и на Литургијата на народниот јазик на новообратените народи, од светите браќа, Константин (Кирил) и Методиј, во IX век.

„Бидејќи сте научиле да слушате, словенски луѓе, слушајте го словото, зашто дојде од Бога, словото коешто ги храни човечките души, словото коешто ги зајакнува срцето и умот…“

Затоа свети Павле поучувал:

„Кога упатувам молитва кон Бога, подобро да кажам пет збора, кои сите браќа ќе ги разберат, отколку десет илјади збора, кои се неразбирливи“.

Очигледно, авторот го гледа објавувањето на Евангелието како суштинско за самата природа на христијанската вера, која е откровение на вечното Слово или Логосот Божји. Словото мора да се слушне и да се разбере; оттука и неопходноста од превод на Светото Писмо и Божјата служба на народен јазик. Овој принцип, изразен во Пролог, ќе остане како посебна карактеристика на православните мисии во време кога христијанскиот Запад го усвои мртвиот латински јазик, како единствен „канон“ за соопштување на Словото. Светите Кирил и Методиј, за време на нивната мисија во Моравија и нивниот престој во Венеција, имале неколку разговори со франкиските мисионери кои ја застапувале „ереста на трите јазици“, верувајќи дека Евангелието може да се проповеда само на трите јазици употребени во натписот на Пилат на Исусовиот Крст: еврејски, грчки и латински. Спротивно на тоа, светите Кирил и Методиј нагласиле дека на Исток: Словените, како и Ерменците, Персијците, Египќаните, Грузијците и Арапите – Го фалеле Бога на своите јазици.

Авторот го гледа објавувањето на Евангелието како суштинско за самата природа на христијанската вера, која е откровение на вечното Слово или Логосот Божји.

Намерната политика на преведување подразбирала мисија која се развивала во Црквата на „многуте нации“, која станала составен дел на различните национални култури. На крајот, византиското православно христијанство длабоко се вкоренило во нивните животи и, ниту странската доминација, ниту секуларните идеологии, не можеле лесно да го искоренат. Но, домородното потекло, исто така, имплицирало постоење на „национални“ Цркви, особено по распарчувањето на она што Оболенски го нарекол „Византиски комонвелт“. Современиот национализам дополнително ја секуларизирал националната самосвест на источноевропските народи, оштетувајќи го чувството за христијанска соборност кај нив.

Византиските мисионерски методи и принципи најдоа свое продолжение во православна Русија. Стефан од Перм (1340–1396), на пример, е познат како апостол на Зирјанците, финско племе во североисточна Русија. Откако научил грчки, Стефан ги превел Светото Писмо и Литургијата на јазикот на Зирјанците и станал нивен епископ. Неговиот пример бил следен до дваесеттиот век во мисионерското ширење на Руската Православна Црква во Азија, па дури и на Американскиот Континент, преку Алјаска.

Byzantine Theology: Historical Trends and Doctrinal Themes

Превод од англиски јазик: протојереј Васил Манасиев

  1. https://www.thetbs.org/study-materials/wp-content/uploads/2023/02/Byzantine-Theology-Historical-Trends-and-Doctrinal-Themes-by-John-Meyendorff-z-lib.org_.epub_.pdf ↩︎
Објавено во:
Автор: