Извадоци од книгата Разговори со архимандритот Ефрем, игумен на манастирот Ватопед, на Света Гора, издание на „Ковчег“, Москва, 2013 година.
Следуваат извадоци од разговорите со архимандритот Ефрем, игумен на манастирот Ватопед, на Света Гора – Атон, запишани во есента 2011 година, кога тој од Ватопед во Русија го донесе за поклонение чесниот појас на Пресвета Богородица, а потоа истото го направи и при неговата посета на Белорусија.
Старецот Ефрем, игуменот на Великата обител Ватопед, отец на 120 монаси и многу стотини мирјани, е изразит пример на современа харизматична личност. Тој е човек кој ја соединил простотата со благородството, човек со голем жар и со прегратка отворена за секого.
Тој е духовен син на старецот Јосиф Ватопедски и духовен внук е на преподобниот старец Јосиф Исихаст. Тој е олицетворение на живото и незаменливо наследство на современото светогорско монаштво. Следејќи ги стапките на свети Атанасиј Атонски, тој успеа да ги спои безмолвието и послушанието во големото општежитие на манастирот Ватопед, кој е втор по ранг на Света Гора. Ставајќи ја на прво место грижата за духовниот препород, тој успеа да го врати Ватопед на местото коешто историски му припаѓа.
Секаде каде што гледаме процут на духовниот живот, секаде постои некоја личност. И секогаш залог за процутот на манастирот е игуменот, којшто успева да љуби и да живее со Христа и да го раководи братството.
Во ликот на старецот Ефрем Ватопедски се воплотени многу црти на вистински православен старец. Во тоа може да се увери секој поклоник кој ќе го посети овој манастир.
Протопрезвитер Димитриос Атанасиу
Старче Ефрем, како денес да се мисионери помеѓу младината, како да се приведат младите кон Христа?
Денес може да се трогнат срцата на младите луѓе, и тие да се приведат кон сознателен црковен живот, само преку личен пример и низ општењето со луѓе коишто опитно знаат што е тоа Божја благодат и живеат со неа. Зборовите, доколку не се основани на соодветен опит, немаат сила и не можат да го оживеат слушателот. Во Старечникот читаме што одговорил еден старец кога го прашале како да се стекне страв Божји: „Оди и приврзи се кон старец којшто има страв Божји и на таков начин тој страв ќе се всели и во тебе“. Со други зборови, за младиот човек примерот е оној фактор којшто може да стане услов за неговото преобраќање, за духовниот препород, кој се случува при неговата средба со носителот на Божествената благодат. Свети Серафим Саровски велел: „Стекни го Христовиот мир во своето срце и околу тебе илјадници ќе се спасат“.
Кои облици на духовна наобразба на младите, освен духовништвото, ги предлагаат светителите на древната Грчка Црква?
Светителите на нашата Црква, освен духовништвото, како начин на духовно хранење на младите, советуваат духовно читање и духовно општење со богопросветлени луѓе. Читањето, изучувањето на Светото Писмо, житијата и творбите на светителите се слични на светло во мрак. При читање на тие творби, кај младиот човек се просветлува умот, се раѓа божествена ревност, се појавува желба и самиот да ги стекне добродетелите кои ги имале светителите. Човекот го чувствува дејството на Божествената благодат и се појавува живо општење со светителите.
Духовното дружење и општење со други млади луѓе кои ги имаат истите духовни интереси и цели, создаваат идеални услови за воспитување. На таков начин помеѓу нив се создаваат правилни личносни односи, а каде што се двајца или тројца собрани во името Христово, таму помеѓу нив е и самиот Христос1.
Потребно ли е да се прилагоди светоотечкото наследство за разбирање и восприемање од страна на современата младина? И ако одговорот е – да, тогаш како?
Светоотечкото наследство е вонвременско. Неговата вредност се состои во неговата христоцентричност, во тоа што гарантира правилен живот во Христа. Бидејќи времињата се менуваат, од гледна точка на културата и општествениот живот, наследството на нашите свети отци, односно светоотечкото Предание, кое се предава од поколение на поколение, принудено е да го менува начинот на изразување, да се приспособува кон времето. Но, суштината останува иста.
Секогаш во Црквата се извршува здраво усовршување, затоа што христијанинот живее во рамките на овој свет и оваа историја. Опасност се појавува тогаш кога има обиди Црквата да се секуларизира, да се „посветовњачи“, кога црковните светогледи се обидуваат да ги поистоветат со светскиот начин на размислување. Доколку Црквата го следи светот, тогаш не може да го преобрази светот во Црква.
На каков јазик се одвиваат богослужбите во Грција, на старогрчки или на современ грчки?
На обичен старогрчки. Црковниот јазик е лесен ‒ тој не е хомеровски или атички дијалект. Човекот којшто го знае современиот грчки јазик, со често користење и малку напори, брзо може да го научи и стариот.
Старче, по Ваше мислење, зошто деца кои ќе се воцрковат во рана возраст, престануваат да одат во храм кога ќе потпораснат?
Тоа не е апсолутно правило. Навистина, младите со младешките пориви се среќаваат со дотогаш непознати соблазни и искушенија, и лесно може да се слизнат, да слезат од патот на праведниците. Но, оној којшто ја вкусил Божествената благодат, сладоста на свештеното богослужење во детството, колку и да се оддалечи во младоста од Црквата, подоцна сигурно ќе се врати.
Како граѓани на својата земја, ние сме должни да бидеме во тек со политичката и со економската ситуација, барем за да можеме да учествуваме во изборите. Како, во врска со тоа, да го сфаќаме гревот на „сознавањето новости“, кој е вброен во гревовите за исповед?
Вистинскиот христијанин живее во Христа 24 часа во денот, а не само тогаш кога оди во храм. Секоја негова постапка, неговата професија, неговата наука, неговата уметност, се благословува и се вдахновува од Христа. Не е лошо човек да ги дознава новостите, политичките вести од својата земја. Лошо е да има страсна приврзаност кон нив. Ако верниот увидува дека нешто го одвлекува од молитвата, или, воопшто, од општењето со Христа, или му го смутува срцето, тогаш потребно е тоа да го отсече, да го жртвува тоа заради љубовта кон Христа. Свети Јован Кронштатски живеел во удобност, помеѓу богатство, но сето тоа не влијаело негативно на неговиот живот во Христа. Неговиот ум и неговото срце секогаш биле прилепени кон Христа.
Знајте дека само Божјата благодат може во целост да го исполни човека, да го успокои до совршено ниво. Но барајте го најнапред Царството Божјо и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придодаде2.
Постои мислење дека во современиот живот децата треба да се исповедаат уште од три години. Што мислите во врска со тоа?
Можеби три години е уште рано, но сметам дека од пет години детето веќе може да се исповеда, за да стекне добра навика. Опитните преживувања во црквата не се од интелектуален карактер, туку од духовен. Затоа не е задолжително да се има целосен интелектуален развој за да се има опит од општење со Бога. Во православната традиција постои разлика меѓу логиката и умствената енергија на човекот.
Можно ли е да се стекне благодатта на Светиот Дух во световен живот, а не во манастир?
Не постои монашка и световна духовност. Духовниот живот е ист. На монахот којшто живее во манастир, дадени му се идеални предуслови за стекнување на благодатта на Светиот Дух. Но, и човек во светот, доколку тој е жив и вистински член на Црквата, може да стекне благодат. Светиот Дух во светот не е отиден во пензија.
Како да се направи првиот чекор на тој пат?
За да стане некој навистина духовен човек, треба да осознае дека во него има многу недостатоци, дека прави многу грешки, дека има направено многу гревови. Да се исповеда. Духовниот човек треба постојано да ги гледа и да ги контролира мислите на своето срце, своите расположенија, (да се прашува) дали се тие со Бога?
Колку е важно за духовниот напредок да се има духовник и какво е послушанието на мирјаните кон својот духовник?
Ова прашање често ми го поставуваат. Присуството на духовникот во делото на нашиот духовен напредок, се разбира, е задолжително. Но, главно е, сепак, колку човекот сам ќе придонесе за тоа, колку ќе се труди, колку ќе се принудува себеси во духовниот живот.
Сметам дека послушанието на мирјанинот кон духовникот треба да се разликува од послушанието на монасите кон своите старци. Мислам дека не е во ред од световните луѓе да се бара „слепо послушание“. Само монахот кој е врзан со својот старец преку таинството на постригот, е должен да го слуша „слепо“. Духовниците, иако се духовни раководители, сепак световните луѓе првенствено треба да ги слушаат во она што се однесува на борбата со гревот. Друго е ако световниот човек бара совет. Па, дури и во тој случај, св. Варсануфиј Велики кажува: „Давам совет, а не заповед“. Добро е да се прашува за совет, но не за секоја ситница. Ако не барате совет од духовникот за прашања, како на пример, каков автомобил да купите, каква професија да изберете, тоа нема да биде грев. И уште нешто. Ако некој не е задоволен од духовникот, може да си замине од него, дури и без да земе благослов од него за тоа. Само монахот не може да се исповеда кај друг духовник без благослов од својот духовник. Световниот човек може да отиде кај оној духовник кого што сам ќе го одбере. Секако, тоа не значи дека постојано треба да се оди од еден кај друг духовник, и да се прави колекција од отци.
Световниот човек може да отиде кај оној духовник кого што сам ќе го одбере. Секако, тоа не значи дека постојано треба да се оди од еден кај друг духовник, и да се прави колекција од отци.
Што советувате Вие при изборот на духовник? Во што се разликува духовникот од старец?
Духовник е оној кој нè исповеда. Односот на мирјанинот и духовникот е едно, а односот на монахот и старецот е друго. За жал, во светот постојат такви духовници кои себеси се прават старци. На што мислам? Сакаат мирјаните да ги слушаат апсолутно во сè, за секоја ситница да бараат благослов, за сè да раскажуваат. Им забрануваат да одат кај други духовници. Такво нешто во световниот живот не смее да има, а таква целосна зависност од духовниот отец постои единствено во монаштвото.
На пример, еден млад човек оди и се исповеда кај духовник. Потоа, поради некоја причина, духовникот повеќе не го задоволува него и се појавуваат некакви потешкотии. Тогаш тој нека оди кај друг, без каква било грижа на совеста, и не треба ниту да бара благослов за тоа кај претходниот. Такво нешто треба да прави само монах, затоа што е таинствено врзан со својот духовен отец преку постригот.
Кои заеднички духовни проблеми, според Вас, постојат и во Русија и во Грција?
Денешните духовни проблеми во општеството се состојат во самиот човек, кој ја оцрнил својата, по Божји образ создадена, природа. Во суштина, човекот е еден ист, без разлика дали е Русин или Грк. Човекот којшто не знае или одрекува дека е создаден според Божјиот образ, денес живее во материјализам, во логикократија. Се оддалечил од Богочовекот Христос и води антропоцентричен начин на живот. Се поставил себеси во центарот на историјата и на случувањата, во центарот на универзумот. Живее самостојно во себељубие, па бара удобност и наслади. Но, се залажува, мислејќи дека насладите ќе му донесат спокојство. Човекот кој е создаден според образот Божји, само стекнувањето на Божјата благодат може вистински да го успокои и да го задоволи.
Превод од руски јазик: архимандрит Иринеј Стефановски
