Црквата – нов живот во Христа

Христијанството не е ниту философија, ниту морал или ритуал, туку „дар на новиот живот во Христа“, и тој нов живот е Црквата. Во неа ние, кои сме сега помилувани1, го сочинуваме новиот народ под заштита на Бога, народ кој Нему Му принесува духовно благодарење и жртва, и го продолжува Неговото дело во светот, како сведок на спасение кој расте во познавање на Вистината и Благодатта. Оттаму, единственото место и улогата на Литургијата е во животот на тој народ. Литургиските служби не се еден од „аспектите“ на Црквата, туку тие ја изразуваат самата негова суштина, тие се нејзиното дишење, нејзините животни дамари, нејзиното постојано самооткривање.

Низ Светите тајни, а особено низ Светата тајна евхаристија, Црквата – како што се изразил еден теолог – во секое време „станува она што е“, т.е. Тело Христово, ново единство на луѓето во Него. Литургијата, пред сѐ, подразбира „собирање на верните“, дури и самиот збор „Црква“ (Еклисија) значи токму „собирање“, „каде двајца или тројца се собираат…“ Во ова собирање и во Него ние, иако сепак сме многу, сме едно тело2. Преку Литургијата ние влегуваме во општење (заедница) со Словото Божјо, и се учиме: да ја познаеме Неговата волја, да се сеќаваме на смртта и на воскресението Христово и да примаме дарови на Светиот Дух, неопходни за нашиот христијански живот и за нашето делување во светот. Навистина би можело да се каже дека преку својата Литургија, Црквата станува „единство на верата и љубовта“, како што одредил св. Игнатиј Антиохиски.

Светите тајни крштение и миропомазание нѐ воведуваат во животот на Црквата. Крштението е нашето раѓање за нов живот, светото миро нѐ посветува за служење на Бога, заедно со останатите членови на Црквата. Во Светата тајна евхаристија го обновуваме дарот на единството, преку едно жртвопринесување и заедничарење во едниот Леб и едната Чаша. Дневните, неделните и годишните литургиски циклуси на Црквата го исполнуваат времето за сеќавање на Христа и Неговото присуство и благодатта на Светиот Дух – насекаде во нашиот живот. Накратко, преку Божествената Литургија, собирањето на човечките битија (црковна општина, парохија), верните се остваруваат себеси како Црква, т.е. како ново единство, како богопознание и богоопштење.

Во Светата тајна евхаристија го обновуваме дарот на единството, преку едно жртвопринесување и заедничарење во едниот Леб и едната Чаша.

„Вкусете и видете“

Што треба да биде христијанското образование, ако не воведување во животот на Црквата, откривање на неговото значење, неговите содржини и неговата суштина? И како тоа образованието може да го воведе кој било во животот на Црквата, ако не преку учество во литургиските служби, од една страна, и низ нивното толкување, од друга страна?! „Вкусете и видете колку е добар Господ“: најнапред – вкусете, потоа – видете, т.е. разберете. Методот на литургиска катихеза е вистински православен метод на верско образование, затоа што произлегува од самата Црква и затоа што Црквата е негово одредиште. Во минатото огласените (катихумените) најнапред биле доведувани во црковните собранија, па дури потоа им биле објаснувани значењето, радоста и целта на таквото собирање. И што уште би можеле да соопштиме во нашето христијанско образование денес, ако на толкувањето не му претходи искуството на сето она коешто несвесно сме го вдишиле и сме го впиле во себе дури и пред да почнеме да го разбираме?!

Сѐ што реков погоре може да изгледа утопистички во денешните сегашни услови. Како овие теории можат да се спроведат на дело? Како можат да станат делотворни? Нема поинаков и поедноставен одговор на тоа прашање. Сакале или не, денес ние сме повикани на страшно тешка задача на одново премислување на црковното Предание во целина и на негово применување во услови кои се коренито различни од оние во минатото. Тоа е работа за нашите поколенија, но ние мораме барем да се соочиме со нив и да станеме свесни за нивното значење. Отстапките, привремените решенија, прилагодувањата, сето тоа е прифатливо единствено под услов непоколебливо и засекогаш да одбиваме менување на Преданието на Црквата, да ги снижуваме неговите мерки, за да можеме да ги „прилагодиме“ според нашите потреби.

Обновување на сфаќањето за Црквата

Пред сѐ, мораме да признаеме дека проблемот со верското подигнување на нашите деца не може вештачки да се оддели од проблемите на обновата на различните православни заедници. Она што самите не го живееме, не можеме да го проповедаме. Нашите храмови ќе имаат такви училишта какви што заслужуваат. Очигледно дека обновувањето на „литургиската веронаука“ бара, пред сѐ, обнова на литургискиот живот на Црквата преку подобро разбирање од страна на верните, со одговорно однесување кон животот и преку активно учество во неа. Сѐ додека имаме „приватни Литургии“ во текот на Страсната недела, сѐ додека нашите храмови се полупразни на денот на нашите духовни и теолошки најубави служби, богослужбата на Велика Сабота, сѐ додека свештениците се зафатени со благословување на велигденската храна по куќите, сѐ додека Крштението се претставува како приватно семејна свеченост, а Венчанието – општествена церемонија во која фотографот е многу поважен од свештеникот, сѐ додека светото Причестување со Телото и Крвта Христова се „должност“ која треба да се исполнува еднаш годишно, со други зборови ‒ сѐ додека овие појави постојат, тешко е да ги научиме нашите деца да ги видат суштината на Црквата во литургиското богослужение и сржта на нејзините учења и нејзиниот живот. Неопходна ни е и литургиска катихеза за возрасни, но и за свештенството. Потребна ни е обнова за правилно разбирање на Црквата, одуховување на црковните општини и обнова на нашиот молитвен живот. Сето ова е основен услов за вистинско христијанско образование на нашите деца, и ако не се соочиме со тоа, сите наши дискусии, за „методите“ и за „принципите“ на училишните дејности во Црквата, ќе останат неупотребливи.

Говорејќи за местото кое треба да го зазема литургиската побожност во нашиот верски образовен систем, сепак ќе се ограничам на неколку основни размислувања. Како што претходно реков, мислам дека сѐ уште не е созреано времето за подробни практични упатства. Затоа мораме да се соочиме со долгорочна и тешка задача во усогласување на преданиските начела на црковното образование со важечките и употребливи современи образовни методи. Верноста кон Преданието ни најмалку не значи одбивање и осудување на сето она што е „ново“ и „современо“ само затоа што е ново и современо. Тоа, всушност, бара од нас да ги испитуваме духовите дали се од Бога3. А тоа во суштина отвора можност за употреба – во слава Божја – на секакво достигнување на човечкиот разум и на човечкото страдање и знаење.

Превод од англиски јазик: јереј Александар Божиноски

  1. Сп. 1 Птр 2, 10. ↩︎
  2. Сп. 1 Кор 12, 12. ↩︎
  3. Сп. 1 Јн 4, 1. ↩︎
Објавено во:
Автор: