Дали навистина сакаме да ни се промени животот?

Сите ние кои имаме добра намера и, како што покажуваат нештата, ревносно итаме да се исповедаме и да го слушнеме Божјото слово, не можеме да кажеме дека сме го нашле патот, дека Божјата светлина дошла во нас и нѐ просветлила, и дека просветлено размислуваме, просветлено дејствуваме и просветлено носиме одлуки. Ние сме под влијание на нашето его, на нашата волја, на нашиот режим и на нашите состојби. Со други зборови, секој е под влијание на целокупниот свој телесен и душевен склоп. А лошото не е тоа што сме такви. Господ затоа стана човек ‒ за да го спаси човекот. Тоа значи дека човекот има потреба од спасение и дека самиот не може да се спаси. Господ дојде за да го спаси човекот од болните психопатолошки состојби и од целокупната состојба којашто ја создава гревот. Меѓутоа, човекот треба тоа да го види на таков начин, да го прифати на таков начин и да поверува во тоа на таков начин.

Ако целата наша тактика е таква како да Го бркаме Христа, како да не Го оставаме да биде Господ(ар) внатре во нас (да, ние исповедаме некои гревови и бараме да ни прости и да ни помогне, но во крајна линија ние сме си господари на самите себе), тогаш не може да се одвива духовната работа и простувањето не доаѓа, душата не се исцелува, човекот не се препородува и продолжува да пребива во темнина. Впечатливо е тоа што некои воопшто не го сфаќаат тоа и (се однесуваат) како да немаат ништо да исповедаат, како да не гледаат. А ако се фатиш за една мала своја манифестација, за некоја ситница, тогаш во себе ќе видиш многу: хаос, темнина, негативна внатрешна состојба, надменост, егоизам, себељубие и своеволие.

Да речеме, си направил(а) некаква гримаса, па фати се за тоа, (прашувајќи се): Зошто го сторив сега ова? Или си зборувал(а) повеќе од потребното. Зошто го кажа тоа? Или иронично си се насмевнал(а). Зошто? Проблемот не е што си се насмевнал, туку зошто си се насмевнал иронично. Од каде произлегува тоа? И ако преку тоа мало прозорче влезеш во твојата душа, таму ќе најдеш многу нешта. Меѓутоа, не изгледа дека работиме вака.

Деновиве дојде еден човек да се исповеда и речиси не кажа ништо. Тој не е единствен, има и други што прават така. Впечатливо ми е тоа што и тој и другите велат: „Не наоѓам ништо да кажам“. Јас му реков: „Добро, не можеше ли да дојдеш и да кажеш вака: ҆За жал, и во овој период, од мојата последна исповед, па до сега, јас не бев онаков каков што сака Христос да бидам, туку си бев и си правев по свое. Затоа, како што обрнав внимание (колку што можам да сфатам), секогаш кога ќе ја отворев устата за да зборувам, јас кажував што не треба да се каже, ми излетуваа непотребни зборови, а начинот на кој зборував беше за укор. Сторив грев и додека зборував и додека заземав ваков или онаков став. Сторив грев со мојата помисла, па и со моето срце и со моите чувства?“

Си сторил грев не затоа што си имал некаква помисла. Прашањето е: Зошто да дојде помислата? Помислата си има длабочина, односно корен. Во себе имаш стар човек и своеволие. Не си Му дозволил на Христос да те ослободи. Ако дојде Христос, зарем ќе го остави тоа така? На таков начин не можеме да се видиме себеси. А како што се одвиваат работите, се плашам дека исповедта пополека ќе стигне до таму до каде што ја имаа дотерано пред повеќе години. Речиси сите христијани (освен малку, многу малку исклучоци) го чекаа свештеникот да им прочита разрешна молитва, за да се причестат, и мислеа дека на таков начин сѐ си е во ред. Некои помлади го видоа тоа и се загрижија што се случува, па оттогаш христијаните беа поттикнати да почнат да се исповедаат.

Прашањето е: Зошто да дојде помислата? Помислата си има длабочина, односно корен. Во себе имаш стар човек и своеволие. Не си Му дозволил на Христос да те ослободи. Ако дојде Христос, зарем ќе го остави тоа така?

Значи, кога исповедта се одвива лажно, при што нема плод (односно не се создава расположение да го видиме коренот на гревот преку одредени гревовни манифестации, и да посакаме да си замине гревот, па да се промениме внатрешно), тогаш таа станува обичај (навика). И пополека доаѓа моментот во кој некој ќе каже: „Истото, па истото го кажувам“. Така, нема интерес да го кажува сѐ истото, па нема ниту тоа да го кажува, и ќе ја дотераме работата до таму да прочитаме само молитва. Бог да чува!

Значи, кога исповедта се одвива лажно, при што нема плод (односно не се создава расположение да го видиме коренот на гревот преку одредени гревовни манифестации, и да посакаме да си замине гревот, па да се промениме внатрешно), тогаш таа станува обичај (навика). И пополека доаѓа моментот во кој некој ќе каже: „Истото, па истото го кажувам“.

Понекогаш, кога слушаш некои коишто се исповедаат, се чудиш како може некој да не гледа дека во себе има грев. Не гледа! Вели: „Немам ништо друго да кажам, не чувствувам ништо лошо. Добро сум“. А зошто е ова вака? Затоа што гледа врз основа на својот режим, а тоа е: обоготворување на себеси. При тоа, ако нема проблеми, тогаш смета дека е добро. Затоа исповедта стигна до тоа да биде само изложување на проблеми. Ако некој има проблеми, тогаш кутриот се секира. Затоа одиме да се исповедаме, да се помолиме, за да побараме од Бога помош да се среди целиот проблем. Ако се среди, тогаш веќе немаме ништо што да кажеме на исповед.

Меѓутоа, ако ја погледнеш ситуацијата на поинаков начин и подразмислиш, на пример, вака: „Штом сум христијанин, тогаш би требало Христос да живее во мене. А кога би живеел Христос во мене, тогаш би требало да љубам како Христос, да се смирувам како Христос, да се молам како Христос, да зборувам и да се однесувам како Христос, да се жртвувам како Христос“. Потоа, каде ќе најдеш нешто во твојот живот што би личело со Христовиот живот? Па како потоа велиш: „Немам ништо да исповедам или не чувствувам ништо што би ми било товар, или што да кажам?“

Браќа мои, замолувам од овој момент, разочарани од себеси, секој од нас да каже: „Боже мој, сѐ имам направено каша-попара. Навидум се грижам за себеси, но сѐ имам направено каша-попара“. А, преку разочараноста и безнадежноста од себеси, да Му го довериме на Бога сето она коешто се однесува на нашата душа. Меѓутоа, да се довериме апсолутно. Тогаш Бог ќе стори нешто. Ќе нѐ просветли да го видиме и да го осознаеме нашиот грев, колку што е можно повеќе. Ќе ни прости, ќе нѐ очисти и ќе ни го отвори патот.

Извадок од книгата: Αδάμ, πού εί; π. Συμεών Κραγιοπούλου, Πανόραμα Θεσσαλονίκης 2023, 260‒264.

Превод од грчки јазик: јеромонах Атанасиј Арсоски

Архимандритот Симеон Крајопулос (1926 – 2015) беше долгогодишен игумен на манастирот „Света Троица“ во солунската населба Панорама. Покрај тоа, тој беше духовен отец на многумина православни христијани, а неговата пастирска и литургиска дејност донесе многукратни плодови на нивата Господова.

Објавено во:
Автор: