Гледај го човекот со подотворени очи, а Бога – со широко отворени

Избрани слова

Возљубени, неодамна бев на погреб. Говорејќи таму, посочив четири слова од Светото Писмо: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето благоволение!“1 – како начин на живот; Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си ми го дал да го извршам2 – зборови изречени од Господ Христос при крајот на Неговата дејност, овде, на Земјава; потоа, зборовите на свети апостол Павле: И така, било да јадете, или да пиете, или нешто друго да правите, сето тоа правете го за слава Божја3; и зборовите на свети апостол Петар: Ако некој говори, нека знае дека зборува Божји зборови; ако некој служи, нека служи според силата која Бог ја дава, та во сè да се прослави Бог преку Исус Христос4.

Тогаш и јас научив нешто за коешто претходно имам размислувано, но го немав осмислено така. Имено, отец Валентин Фунериј, свештеникот од селото, во неговото слово, меѓу другото, рече дека некој му го кажал следново: „Оче, не знам што да правам… обично, кога размислувам за некој човек, размислувам за она лошото во неговиот живот“. Тогаш отецот му го дал советов: „Кога гледаш некој човек, гледај го со подотворени очи, а Бога гледај Го со широко отворени“. Значи, прво погледни кон Бога, а потоа кон човекот. Ова многупати го имам кажувано и јас. Поточно: го имав во предвид ова слово или овој совет, но поинаку, со други зборови. Но ми се допадна и овој исказ дека човекот треба да го погледнеш откако ќе Го погледнеш Бога со ширум отворени очи или поконкретно: првин погледни Го Бога, а потоа човекот, па така гледајќи Го Бога, ќе ги видиш и добрите страни кај човекот.

Следствено, единствената наша грижа треба да биде: сместување на секој човек во нашата свест со неговите добри страни. Поточно: да бидеме внимателно сконцентрирани на добрата страна кај луѓето, за да можеме да се радуваме едни за други, како што велеше отец Серафим: „Да се радуваме едни за други и сите заедно да се радуваме на Бога“. Зашто, ако се појават нешта за коишто премногу размислуваме и извлекуваме заклучоци, можно е предвреме – а особено, без да ја имаме во предвид и добрата страна на човекот – да се оддалечиме едни од други и да сме далеку од исполнување на заповедта на љубовта: да се љубиме едни со други, да се љубиме со Неговата љубов, да размислуваме дека Бог е љубов и дека и ние треба да имаме поголема љубов. Наредната недела започнува времето на подготовка за Велигден, во која ни се предочува цариникот којшто си ги исповедал гревовите, па затоа повторно бил примен во прегратките на Бога, за разлика од фарисејот, којшто си ги кажувал добротворствата и којшто се отуѓил од луѓето, велејќи дека не е како нив. Затоа, да се угледаме на цариникот, којшто не обрнуваше внимание на туѓите гревови, туку се гледаше себеси и своите гревови, барајќи ја Божјата милост. Вака да постапуваме и ние: да ја бараме Божјата милост, а воедно да бараме и помош од Бога за да се запознаеме такви какви што сме. Бог да ни даде светлина, та во таа светлина да ги видиме и другите и, на тој начин, да обрнеме внимание и на добрите страни кај луѓето, но и на животот што го живееме.

Единствената наша грижа треба да биде: сместување на секој човек во нашата свест со неговите добри страни. Поточно: да бидеме внимателно сконцентрирани на добрата страна кај луѓето, за да можеме да се радуваме едни за други, како што велеше отец Серафим: „Да се радуваме едни за други и сите заедно да се радуваме на Бога“.

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

Заповедта на љубовта

Возљубени, денес го празнуваме светиот евангелист Јован – апостолот на љубовта. Во однос на светиот евангелист Јован посебно се истакнува љубовта: љубовта којашто ја имал тој кон Господ Христос, љубовта којашто ја имал Господ Христос кон него, а, воедно, и љубовта сама по себе којашто провејува низ неговото Евангелие.

На пример, во Евангелието според Јован се содржани овие зборови на Господ Христос: Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам5. Ова Евангелие ги содржи и овие Христови зборови: Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг6; но и зборовиве: Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели7. Потем, следуваат зборовите на Спасителот упатени кон светиот апостол Петар: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ (…) „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“ (…) и повторно: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“8

Сиве овие слова ја прикажуваат важноста којашто ја има љубовта во христијанскиот живот. Поточно: сите знаете дека христијанството е религија на љубовта. Она што го разликува христијанството од останатите вери, од останатите религии, е токму ова: христијанството е религија на љубовта. Господ Христос, Синот Божји, проповедајќи, ги поттикнувал луѓето да се љубат едни со други, кажувајќи дека најголемата заповед е заповедта на љубовта: кон Бога и кон ближните. Во Евангелието според Јован се сочувани зборовите на Господ Христос: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе9. Овие нешта нѐ опфаќаат сите нас, зашто она што нѐ приближува кон Бога е нашата љубов и она што Го приближува Бога кон нас е Неговата љубов.

Сите знаете дека христијанството е религија на љубовта. Она што го разликува христијанството од останатите вери, од останатите религии, е токму ова: христијанствотое религија на љубовта.

Знаете дека светиот евангелист Јован го кажал и словово: Бог е љубов и оној кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него10. Во Првото соборно послание на светиот евангелист Јован, на двапати, се вели дека Бог е љубов, а Божјата љубов очекува љубов и од нас. Според тоа, она на што треба да обрнеме внимание кога се испитуваме себеси пред исповед – во однос на она што треба да исповедаме пред Бога – е токму начинот како Го љубиме Него, како се љубиме едни со други, колку се трудиме да ги возљубиме нашите непријатели, колку ја умножуваме љубовта и колку се трудиме да ги отфрлиме гревовите коишто ја намалуваат истата. Ние не сме многу заинтересирани за ова, па затоа на исповед обично велиме дека не сме го исполниле правилото, дека не сме учествувале во богослуженијата, дека не сме озборувале, не сме се скарале со некого… Секако, и овие нешта се реални и добро е да ги исповедаме, но премалку размислуваме за тоа колкава љубов имаме едни кон други, колкава љубов имаме кон Бога; за тоа како да одговориме на Божјата љубов со нашата љубов; за тоа колку напредуваме во умножувањето на љубовта, па дури и кон оние коишто нѐ мразат и, на тој начин, да си ја зголемиме радоста, зашто љубовта е радост.

Ви посакувам од сѐ срце да се исповедате како што прилега и барем денес – кога го празнуваме апостолот на љубовта – да го имате во предвид прашањето за љубовта.

И ние, заедно со апостолите, можеме да извикаме: Дај ни, Господи, поголема љубов, зашто знаеме од светиот апостол Павле дека верата треба да биде дејствителна преку љубовта! Го знаеме Павловото слово: А, и да имам толку силна вера, што и планини да преместувам, ако љубов немам, ништо не сум11.

Бог да ни помогне!

Времето – исечок од вечноста

Возљубени, помина еден месец од оваа година. Замина дванаесеттиот дел од годината. Но потребно е да се запрашаме: како ни помина, што значеше за нас, што остана од она што го направивме, што требаше да направиме, што треба уште да направиме и што треба да се потрудиме да направиме во останатото време од оваа година и во преостанатото време од нашиот живот? А времето си врви и кога правиме нешто, но и кога не правиме ништо. Времето си минува полезно, но и бесполезно.

За нас, верните, времето е вечност. И навистина е вечност, затоа што сето она што го правиме во времето сега е, всушност, подготовка за вечноста. Но сите ние треба да најдеме време и за Бога, повеќе време за Бога, или, пак, времето коешто го имаме да го ползуваме и за Бога. Да најдеме време и за нашето добро, за нашата радост, но и за ближниот којшто очекува нешто од нас. Да се потрудиме за доброто на оние коишто се околу нас и да живееме живот од кој другите можат да научат нешто. Токму заради ова, најпрво треба ние да бидеме утврдени во доброто.

Да се потрудиме за доброто на оние што се околу нас и да живееме живот од кој другите можат да научат нешто.

Делата на човекот – како што вели отец Арсениј Бока – некогаш ќе му речат на човекот: „Ти си ние“, односно: „Ние те обликувавме тебе. Си добротворел ли? – Си станал подобар. Си злочинел ли? – Си станал полош. Ти си ние: ти нѐ направи нас и ние те направивме тебе“. Размислувајќи за ова, да се потрудиме да го умножуваме доброто и да ги умножуваме добротворствата.

Следствено, да се потрудиме денот да го живееме без грев. Ваква да ни биде и вечерта, ваква да ни биде и ноќта, вакви да ни бидат сите моменти од нашиот живот: без грев, без злоба, без огорченост, без лутина и без сплетки, и секогаш да го умножуваме доброто заради нас и заради другите, и тогаш ќе биде добро и за другите, но ќе биде добро и за нас самите.

Бог да ни помогне!

Превод од романски јазик: Дарио Божиновски

  1. Лк 2, 14. Во оригиналниот текст стои терминот „ευδοκία“, којшто на словенски јазик се преведува како „благоволение“. Буквалниот македонски превод, со зборовите „добра волја“ остава простор за двосмислено разбирање на кажаното. Во богословска смисла, терминот „ευδοκία“, односно „благоволение“ се употребува за да ја означи првобитната Божја волја за човештвото и за светот. Во контекст на овој библиски цитат, пораката е следнава: со вочовечувањето на Синот Божји се отвора патот за остварување на првобитната Божја волја за луѓето (во или меѓу луѓето благоволение). А зборовите „добра волја“ можат да бидат разбрани како израз на расположение (заб. на уредникот). ↩︎
  2. Јн 17, 4. ↩︎
  3. 1 Кор 10, 31. ↩︎
  4. 1 Птр 4, 11. ↩︎
  5. Јн 14, 21. ↩︎
  6. Јн 13, 34. ↩︎
  7. Јн 15, 13. ↩︎
  8. Јн 21, 15–17. ↩︎
  9. Јн 13, 35. ↩︎
  10. 1 Јн 4, 16. ↩︎
  11. 1 Кор 13, 2. ↩︎
Објавено во:
Автор: