Смртта навистина ја покажува својата апсурдност, безнадежноста и недостатноста на нашето постоење. Но, незамислив е фактот што Христос ни покажал дека Бог страдал како човечко битие. Тоа е толку непоимливо, што ми го одзема секој збор! Но, ќе морам нешто да кажам, за да дојдам до самата срж на Православието.
Потребно е да се потсетиме дека учениците не разбирале до крај кој е Христос пред да започнат Неговите страдања. Постои само еден момент кога Петар во Кесарија Филипова исповедал дека Христос е „Син на живиот Бог“. Тогаш Христос рекол: „Ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја“ и уште рекол дека мора да оди во Ерусалим да пострада, на што Петар Му одговарил: „Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!“, а Христос строго му одговарил: „Бегај од Мене, сатано!“1 Во овој разговор гледаме дека еден од учениците Го исповедал Христос како Бог, но не разбрал до крај што значи тоа бидејќи сакал да Го спречи да не пострада. Тоа особено се гледа кај синоптичарите Матеј, Марко и Лука.
За време на распнувањето учениците се разбегале; а кога го виделе празниот гроб, не разбрале зошто е празен, но и не Го препознале кога се состанале со воскреснатиот Христос. Му рекле: „Кој си ти? Ти си туѓинец. Зарем не си чул што се случило со Христос за Кого мислевме дека ќе нѐ избави? Тој пострада… Отидовме во гробот и видовме дека е празен. Не знаеме што се случило!“ Во оној момент кога почнал да го толкува Писмото и да го прекршува лебот – Го препознале.
Распнатиот Бог ја разурнал смртта со Својата смрт. Тој не пострадал само како човек, туку воскреснал како Бог и сам Себе Се подигнал од гробот. Ако тоа е вистина, тоа би било големо дело за Него, но на никој друг не би му помогнало. На Велигден пееме толку често, што понекогаш дури и не обрнуваме внимание на зборовите: „Христос воскресна од мртвите, со смртта – смртта ја уништи“. Со Својата смрт ја уништи смртта! Да ја победел смртта на кој било друг начин, каква корист би имале од тоа? Да ни се открил како Бог на кој било друг начин, што би ни значело тоа?
Смртта е заедничка за сите луѓе, во сите култури и во сите времиња. Сите умираме и тоа е момент кој во потполност е неизбежен. Не е прашање дали ќе умрам, туку како ќе изгледа тој момент. Христос ни покажал како Бог ја победил смртта. На тој начин секој од нас може да влезе во нов живот. Од тој момент никој од нас не е пасивна жртва на судбината, туку сме станале активни извршители на нашата смрт. Не, секако дека нема да извршам самоубиство, туку ќе умрам во себе – за да почнам да живеам во Христос, за Христос и за моите ближни. Оној момент кога ќе го положам својот живот, почнувам да живеам живот кој Христос ни го дарил.
Овој чин е прашање на мојата слобода – сакам да умрам во себе. Моето постоење е сега втемелено во слободата. Фрлен сум во светот, никој не ме прашал за моја согласност, а сега ми е дадена можност моето постоење да го зацврстам во живот и во љубов кои се дар на самиот Бог. Тоа ќе го правам сѐ до моментот кога ќе умрам. Во Чинот на крштение, сам во таинство сум умрел во себе, но сето време се поучувам како тоа да го чинам, односно како да го носам својот крст. На крајот од секој ден имам пракса да се запрашам себеси: „Дали денес добро умирав во себе?“ Колку повеќе учам да ги умирам своето его, страстите и желбите, сѐ посилно можам да кажам: „Во рацете Твои го предавам својот дух“.
Од друга страна, ако не сум научил како да умирам во себе, и понатаму мислам дека мојот идентитет, мојата вредност и мојата чест почиваат врз тоа како другите луѓе гледаат кон мене; ако моето срце се наоѓа во мојот имот, без сомнеж смртта ќе биде многу болна, бидејќи ќе ме оддели од сѐ во што сум се пронаоѓал. Би додал само дека прикажувањата за пеколот и за чистилиштето, особено во средниот век, драматизацијата и визуелизацијата на болката којашто смртта ќе ми ја нанесе, се случува само ако срцето ми е приврзано за работите од овој свет.
Кога ќе умрам за светот и кога на смртниот час ќе извикам: „Во рацете Твои го предавам својот дух“, во тој момент станувам мека глина. Во почетокот Бог го создал човекот од земја, но тоа било далеку во минатото. Меѓутоа, кога ќе ги изговорам овие зборови, станувам растопена тула во Божјите раце и тогаш Тој станува главен лик Кој ме украсува со живот.
Оттаму, срцето на Православието навистина се движи околу апсурдноста на овој свет, давајќи му нов живот. Со други зборови, треба да се втемелиме во Христос, да станеме живи луѓе, а во крајниот исход значи да се видиме себеси како Божји созданија.
Превод од англиски јазик: јереј Александар Божиноски
Беседа на православниот свештеник Џон Бер, професор на Универзитетот во Абердин, која е прикажана на Јутјуб-каналот „Protecting Veil“, а ја пренесуваме во печатена форма.
- Сп. Мт 16, 16–23. ↩︎
